Македонија
(Видео) Митески: Власта влегува во нов обид за изборна корупција

Власта влегува во нов обид за изборна корупција. Вчера, последен ден пред почетокот на кампањата владата побарала од сите органи кои извршуваат јавни набавки да донесат нови годишни планови со нови финансиски прагови, согласно измените во Законот за јавни набавки, операција која треба да ја изведат во ек на кампања, изјави Дејан Митески, Претседател на ОК Аеродром.
Според него, ова е циркуларен е – маил кој бил пратен до сите буџетски корисници, кои работат со јавни набавки. Од истиот се гледа дека власта бара од раководителите на овие институции да влезат во криминал, за сметка на креирање ситуација за изборна корупција и поткуп.
,,Измените во Законот за јавни набавки се донесени скоро пред месец дена и власта имаше доволно време да го направи потребното за институциите да бидат спремни да го извршуваат новиот закон, кој стапува на сила од 1 април. Зошто се чекаше последниот рок? Дали со новиот закон се планираат нови тендери за Заеви и Анѓушев, дали со истиот се спремаат тендери за фирми финансиери на власта? ВМРО-ДПМНЕ ја повикува Државната комисија за спречување на корупција да постапи согласно чл.33 од Законот за спречување на корупција и да ја испита оваа можна злоупотреба на буџетски средства. Исто така го повикува и дипломатскиот кор во земјава и сите меѓународни организации да апелираат на почитување на законите од страна на власта со цел гарантирање на фер избори.Нема да дозволиме власта со парите на граѓаните да отвора простор за можен изборен поткуп”, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ИЈЗ ги објави мерењата на радијација во воздухот: Нема отстапувања и покрај пожарот во Трубарево

Институтот за јавно здравје соопшти дека мерењата на радијацијата во воздухот, извршени од 7 до 14 септември 2025 година, покажуваат нормални вредности и нема никаква опасност за здравјето на граѓаните, и покрај загриженоста поради големиот пожар во скопската населба Трубарево.
Во Скопје, каде што работи една од автоматските мерни станици, просечните вредности изнесуваат 51 нано сиверт на час, што е рамки на природниот радијациски фон – природното зрачење што секогаш постои околу нас. Највисоката измерена вредност е регистрирана на 11 септември, кога бил забележан пик од околу 69 нано сиверти на час, но и ова отстапување е во рамки на природното и безбедно ниво. Денеска (14 септември) во 11:30 часот измерени се 50 нано сиверти на час.
Од ИЈЗ нагласуваат дека нема одстапувања од нормалните референтни вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или ризик по здравјето на граѓаните.
По насока на инспекторатот за животна средина и Министерството за здравство, на терен во близина на Трубарево се испратени обучени екипи кои земаат примероци од почва и вода за дополнителни анализи. Резултатите од тие анализи ќе бидат објавени јавно.
Институтот истакнува дека внимателно ја следи состојбата во координација со сите надлежни институции, а на граѓаните им препорачува да ги следат официјалните информации и упатства.
Македонија
Меџити во Трубарево: Поставена мерна станица која ќе биде на функција 24 часа

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска повторно беше на теренска посета на опожареното складиште во Трубарево, каде денес е поставена мерна станица, поставена да го провери квалитетот на воздухот во реално време.
Меџити, на чие барање е поставена мерната станица беше придружуван од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, проф. д-р Дејан Мирковски.
Министерот Меџити во текот на посетата изврши увид во функционирањето на новоинсталираната мерна станица за квалитет на амбиентен воздух.
Посетата има за цел да го потенцира значењето на мониторингот на квалитетот на воздухот и унапредувањето на животната средина преку меѓуинституционална соработка.
Мерењата ќе се извршат секојдневно 24/7 за да се следи квалитетот на воздухот, и навремено информирање на јавноста, која ќе има можност да ги следи податоците во реално време.
Македонија
Онлајн настава една недела во четири училишта во Гази Баба поради пожарот во Трубарево

Министерството за образование и наука информира дека наставата во основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба, од понеделник 15 септември до петок 19 септември ќе се реализира без физичко присуство на учениците во училиштата, туку онлајн.
Поради настанатиот пожар во Трубарево, општина Гази Баба и препораките на Државниот инспекторат за животна средина, на итна седница на Владата беше донесен Заклучок наставата во четирите основни училишта да се реализира преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
Министерството за образование и наука ги извести училиштата да ја организираат наставата согласно новонастанатите услови.