Македонија
(Видео) Митески: Марин штанца градежни дозволи без обѕир за зеленилото во Аеродром
Златко Марин како продолжена рака на картелот, штанца градежни дозволи на ангро, без да води сметка за зеленилото и животната средина, обвини денеска, Дејан Митески, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром. Како што истакна Митески, за период од 8 месеци, колку што е на власт Марин, издадени се одобренија за градба за повеќе од 500 нови згради.
„Повеќе од 500 нови згради ќе никнат на територијата на општина Аеродром со потпис на Златко Марин. Тоа се огромни нови површини на кои наместо зеленило ќе никнат бетонски зданија. Марин ја користи секоја можност за да ослободи простор за градба на нови станбени згради, а повеќегодишните дрвја и малите зелени површини се најчеста мета“, рече Митески, кој додаде дека во текот на вчерашниот ден, координирано, под превезот на невремето кое го зафати Скопје, се сечеле повеќегодишни дрвја за изградба на нови згради.
Митески потсети и на ветувањата на Марин дека нема да се уништуваат зелени површини за сметка за изградба на згради и подвлече дека актуелниот градоначалник, не само што не го испочитувал тоа ветување, туку, како што кажа, со амин на Шилегов удрил по дрвјата при што се уништува зеленило за градежен квадрат повеќе.
„Во предизборната кампања Златко Марин, заедно со неговиот лидер Зоран Заев и членовите на СДСМ ветуваа живот и воздух во Аеродром. Живот во Аеродром дојде, но не за граѓаните туку за криминалниот картел. Ветуваа запирање на градењето, ревизија на ДУП-овите, преземање на мерки против загадувањето, ветуваа дека здравјето ќе биде пред профитот, ветуваа водење грижа за постојното зеленило. Ништо од ова што го ветија не го остварија“, констатираше претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, кој предупреди дека Аеродромци ги препознаваат лагите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

