Македонија
(Видео) Митревски и Шахпаска: СДСМ во Собранието донесе историски одлуки, кои ги отворија перспективите
Како координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието на Република Северна Македонија, со задоволство можам да констатирам дека за изминативе две и пол години завршивме одлична работа. За овие три години донесовме низа историски одлуки, кои ја обезбедија иднината на државата и ги трасираа патот на успехот, просперитетот и напредокот. Спроведовме реформи, кои гарантираат безбедност, кои гарантираат правда и владеење на правото, кои ги штитат човековите права на нашите граѓани, изјави пратеникот на СДСМ, Јован Митрески.
Според него, со усвојувањето на законот за Јавното обвинителство и на законот за Советот на јавните обвинители заокружени се реформите во правосудството.
„На овие два закона им претходеа Законот за судовите и Законот за Судскиот совет, со што го поставивме темелот на судските реформи. Реформи поддржани и од нашите меѓународни пријатели, ЕУ и САД. Создадовме услови за силна правна држава, ослободена од притисоци, ослободена од политички влијанија. На меѓународен план, преку ратификувањето на договорот од Преспа и договорот за добрососедство со Бугарија ги затворивме децениските отворени прашања и ги отворивме европските перспективи. Со ратификацијата на северноатлантскиот договор го усвоиме најважниот меѓународен документ во историјата и ја обезбедивме иднината во НАТО. Уставните измени и имплементацијата на договорот од Преспа беа предизвик со кој ние како пратеничка група успешно се соочивме. Вербата дека на овој начин ја гарантираме иднината на нашата држава, дека ги реализираме нашите стратешки определби, дека за нашите генерации обезбедуваме просперитет, беше мотивот што ни помогна да успеееме“, рече тој.
„За две и пол години, по крвавиот четврток на 27 април, ние како парламентарно мнозинство успеавме да го вратиме дијалогот во Собранието на Република Северна Македонија.
Нашиот парламент стана институција, која е пример за соработка, која ги отвори вратите за граѓанските организации, која ја унапреди парламентарната дипломатија, која ги зголеми транспарентноста и одговорноста пред граѓаните. Направивме многу, покажавме дека сме одлучни во нашата намера Република Северна Македонија да стане европска држава со европски вредности“, додаде Митрески.
Пратеничката Јагода Шахпаска истакна дека парламентарниот состав што го предводеше СДСМ ќе остане запаметен по клучните одлуки што нашата држава, Република Северна Македонија, ја вратија на светската мапа, позитивен пример на Балканот и светот, членка на НАТО и на прагот да почне преговори со Европската Унија.
„Но, она што со гордост можам да го кажам е дека за пратеничката група на СДСМ и коалициските партнери граѓаните беа фокусот на нашето работење. Нивните секојдневни потреби, покачувањето на платите, социјалната заштита, намалување на казните, унапредување на стандардот, олеснување на условите за бизнис, се некои од мерките со кои успеавме да го подобриме нивното секојдневие. Ние покажавме дека работиме во интерес на граѓаните и дека знаеме како идејата да ја преточиме во реалност. На 12 април граѓаните тоа ќе го препознаат и ќе се определат за СДСМ и нашите политики. И, по 12 април, продолжуваме да работиме со и за граѓаните“, истакна таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

