Македонија
(Видео) Митрески – Гир: Силна поддршка од ЕУ за заокружување на активностите до парламентарните избори

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беше констатирана одличната соработка која во континуитет се одржува од страна на Европската Унија, а која ќе продолжи и во периодот што следи пред одржувањето на престојните парламентарни избори.
Амбасадорот Гир изрази безрезервна поддршка за новоизбраниот претседател на Собранието и на институцијата во целост, која, како што нагласи, ќе продолжи и во следните месеци, со цел заокружување на незавршените активности и законодавни постапки поврзани со реформските обврски, кои произлегуваат од нашиот евроинтегративен пат.
Во тој контекст, амбасадорот укажа на важноста да бидат заокружени во текот на овој мандат одредени почнати постапки поврзани со одржувањето на парламентарните избори, со цел да не се доведе во прашање од која било страна легитимноста на изборниот процес.
Претседателот Митрески, заблагодарувајќи се за средбата, потенцираше дека назначување на оваа функција за него претставува чест и одговорност да се води законодавната власт до конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Митрески рече дека ќе направи сė што е во негова надлежност за заокружување на прашањата кои засега сѐ уште немаат завршница во Собранието, а се од особено значење за функционирањето на институциите и за нашето европско досие како земја.
Соговорниците беа согласни дека оваа соработка ќе продолжи, особено во однос на активностите од Планот за раст на Западен Балкан на Европската комисија и други прашања од приоритет и интерес за двете страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владиниот кандидат се сретна со „Вреди“ и ја доби нивната поддршка, јас се среќавам со Скопје

Кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ кој влезе во вториот круг на локалните избори се огласи откако неговиот против кандидат Орце Ѓорѓиевски од ВМРО -ДПМНЕ кажа дека Мециновиќ во првиот круг имал поддршка од ДУИ, а со повикот за поддршка од СДСМ, нивната коалиција станала јавна.
„Денеска мојот противкандидат зборува за тоа од каде ми доаѓале или ќе ми дојдат гласовите и почнува да зборува за некоја теорија на заговор“, вели Мециновиќ.
„Владиниот кандидат се сретна со „Вреди“, ја доби нивната поддршка, јас се среќавам со Скопје и ќе продолжиме да се среќаваме со скопјани. Затоа што скопјани се охрабрени и во се поголем број ќе излезат во вториот круг. Овој контингент кој го создадовме само ќе расте“, додава тој.
Македонија
„Подадена рака“: Димитриевски добива поддршка од „Вреди“ за вториот круг од локалните избори во Куманово

Подадена рака. Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, Организациониот секретар на Алтернатива, Башким Муртези и Пратеникот Даниел Стојчевски, објави на социјалните мрежи лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
„Во топлиот и искрен разговор од претставниците на Коалициониот партнер Влен добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Куманово, поддршка која ја отсликува мултиетничката и мултикултурната реалност на нашиот град, која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред во остварување на проекти во интерес на сите граѓани на Куманово.
Благодарам на сите кои ја препознаваат и поддржуваат визијата за иднината на Куманово и Македонија.
Заедно ќе продолжиме да го градиме нашиот град и да работиме во интерес на наши Кумановчани“, пишува Димитриевски.
Македонија
Кандидатите за градоначалници на Скопје се договорија: ТВ дебата во вторник

Кандидатот на партијата Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ денеска преку социјалните мрежи извести дека прифаќа дебата со противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
„Дебата во вторник на Канал 5, па да си дочекаме уште повеќе дебати. Јас и мојот противкандидат во овој круг означуваме потенцијална промена на политичките генерации во Македонија, релативно млад дуел за Скопје. Затоа, следниот вторник на дебата ќе може да се заклучи кој претставува нова визија, a кој ја влече деструктивната политика на минатото во иднината“, напиша Мециновиќ на Фејсбук.
Претходно, тој го повика Ѓорѓиевски на дуел под отворено небо на Школка во Градскиот парк.