Македонија
(Видео) Митрески: Македонската иднина е европска, со македонски јазик, култура, идентитет и историска посебност
Документот што ВМРО-ДПМНЕ деновиве го кине јасно наведува дека пратениците се обврзуваат и ја обврзуваат Владата за достојно да ја почитуваат определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот јазик, е тоа ВМРО-ДПМНЕ го искинаа, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески во своето обраќање.
„Македонската иднина е европска, со македонски јазик, култура, идентитет и историска посебност. Доста беа делби и поделби, доста беа делби и подбели на македонскиот јазик. Ние Македонците заедно со нашите сограѓани и Албанци и Турци и Роми и Власи и Срби и сите останати ќе продолжиме да се движиме напред кон европската иднина.
Пред нас е историска одлука да го продолжиме европскиот пат, да продолжиме кон членство во ЕУ како Македонци кои зборуваат свој македонски јазик, Македонци со свој посебен идентитет.“ порача Митрески.
Митрески посочи дека не е првпат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја напуштаат салата на Собранието кога се носат важни одлуки и ги повика да се применат и да мислат на граѓаните.
„Не е првпат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да бегаат од салата. Зборуваа против Договорот за добрососедство и избегаа, зборуваа против Преспанскиот договор и избегаа, зборува против промена на Уставот и избегаа. И денеска и овие два дена не зборуваат туку свират затоа што сите нивни лаги се потопени, затоа што немаат поддршка од граѓаните кои грубо ги излажаа.
Но, без разлика на се, ги повикувам нека преспијат, нека си ги анализираат своите грешки и нека се променат. Нека не остануваат во минатото, нека мислат за иднината и подобар живот на сите граѓани.“ порача Митрески во своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

