Македонија
(Видео) Митрески: Со злоупотреби ВМРО-ДПМНЕ ја одолжува работата на комисиите во Собранието на штета на граѓаните
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, од собраниската говорница истакна дека никогаш порано немало ваква ситуација во Комисијата за одбрана да има толку долги дискусии посебно за вакви тешки прашања.
Сакам да има дискусии со аргументи, но очигледно таму има чиста злоупотреба само да се одолжи времето за дискусија, нагласи Митрески.
Тој додаде дека СДСМ е подготвен да дискутира и за информации да се формира анкетна комисија за да се види што се случува сега и што се случувало во минатото во енергетскиот сектор, да се отворат сите прашања што се битни за граѓаните.
Кога зборуваме за енергетската криза кај нас и во светот, повикувам да се закаже Комисијата за финансирање, за законот за задолжување на ЕСМ од 100 милиони евра, чија потреба е донесена на 19 јули, а денес сме 22 септември и уште не се дискутира, очигледна е намерата да се донесе ситуацијата во државата да биде неподнослива за ситни политички поени, нагласи Митрески.
Тој потсети дека оние законски решенија што ѝ се важни на опозицијата, која сега има мнозинство во локалната самоуправа, поминуваат на брза лента, како што беше законот за поврзување на локалните патишта.
И ние ги поддржавме тие закони затоа што сите овде сме за граѓаните и ова за задолжувањето е за граѓаните, целиот свет е во енергетска криза, така сме и ние и сите сме должни да излеземе во пресрет на граѓаните за да го пребродиме ваквото време на живеење, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

