Македонија
(Видео) Мицевски: Од утре активна блокада на Собранието поради лицемерството на власта
На денешната координативна средба на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ се разговараше по единствена точка – активна блокада на Собранието на Република Македонија, соопшти на денешната прес-конференција Никола Мицевски.
„Едногласно беше прифатена одлуката, која претходно ја донесе Извршниот комитет на партијата, од утре да се пристапи во Собранието со активна блокада на сите штетни закони и политики застапувани од неодговорната и неспособна власт.
Активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ, кои не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност за дијалог по најважните прашања во оваа држава“, посочи коодринаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече Мицевски, епилогот активна блокада следува кога претходно Ковачевски и Владата одбиле дијалог во четири клучни области за граѓаните и разговор за датум за предвремени избори.

„Тоа што Ковачевски од целата оваа понуда за нормален дијалог се фокусира само на предвремени избори покажува дека, всушност, и тој е свесен оти е премиер на Влада што нема поддршка од народот и во тоа е болката, се плашат од соочување со граѓаните. А понудата на ВМРО-ДПМНЕ, која опфаќа и решенија во економијата, здравството, образованието, надворешната политика и разговор за предвремени избори, не е шведска маса со која премиерот може да се служи во сегментите во кои само нему му одговараат“, посочи претставникот на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

