Македонија
(Видео) Мицевски: Прифатија услови за евроинтеграции кои значат или вечни преговори или асимилација
По цела година сеење магла од страна на власта, излезе на виделина дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за уставни измени. Во Собранието нема 80 пратеници, а надвор од Собранието над 80 % од народот се противи на уставни измени под бугарски диктат, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Денес, се соочија суверенитетот и интегритетот на Македонија, од една страна, и инаетот и ароганцијата на власта, од друга. Она што Владата го нарекува свршен чин, кој мора да се земе или остави, народот го смета за распродажба на националните и државните интереси и одбива да го прифати.
Уставни измени не се прават врз основа на натурање и диктат од надвор. Тоа е газење на достоинството и интегритетот на државата, но во исто време и погазување на суверенитетот бидејќи народот е суверен, а тој во огромно мнозинство кажа ‘не’“, рече Никола Мицевски.
„Власта целиот процес го правеше исклучувајќи ги јавноста и опозицијата, а кога следуваше сугестијата дека грешат, следуваше и ароганција и игнорирање од нивна страна. Концесиите што ги давале и ветувањата за уставни измени во Собранието се доказ дека со државата и со националните интереси се однесуваат како да им се оставени од татковци и дедовци.
Изворот на проблемот датира од 2017 година кога потпишува договор со Бугарија, кој, наместо пријателство, донесе тензии и уцени. И тогаш беа предупредувани за последиците и сега ги предупредивме, ама Ковачевски и власта се тврдоглави или така сакаат да се прават.
Прифатија услови за евроинтеграции, кои ги немала ниту една земја пред нас, услови што значат или вечни преговори или асимилација. Ја внесоа со својата кусогледост државата во ќор-сокак. Сите рационални сили во Македонија, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, се обидоа да им подадат рака за да се излезе од овој ќор-сокак, но тие тоа го одбија и да биде уште пострашно, ги етикетираа сите што размислуваат поинаку од нив како антиевропски. Ширеа хистерија и поделби, но колку повеќе покажуваат очај, толку народот повеќе ќе ги казни на следните избори, кои неминовно треба да се одржат“, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа власт е развластена, не само поради тоа што уставните измени им удрија во ѕид, туку затоа што ја упропастија државата. Институциите се киднапирани, а СДС и ДУИ се фрлени на криминал и корупција, која граѓаните ја плаќаат со своите пари, но и со своите животи.
Ова власт е продолжниот кабел, кој ја изгоре Македонија, оваа власт е инфлацијата, која го изеде стандардот, оваа власт е апатијата, која ги брка граѓаните.
Оваа власт е проблемот, а решението се избори што побргу и промена на власта. Уставни измени под диктат нема, ама затоа избори мора да има бидејќи оваа власт е делегитимирана“, додаде Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

