Македонија
(Видео) Мицкоски: Бараме да се формира обвинителство кое ќе го истражува криминалот на Заев
ВМРО-ДПМНЕ предлага да се формира ново обвинителство по евентуалните предвремени избори за сузбивање на организираниот криминал и корупција и кое, меѓу другото, ќе ги доистражи прислушуваните материјали кои се во рацете на специјалното јавно обвинителство. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, рече дека обвинителството би го заменило специјалното јавно обвинителство по завршување на неговиот мандат и ќе го испитува и периодот на работење на актуелната Влада.
„Заев веднаш да се откаже од договорот со Грција и тогаш ајде на избори па народот да одлучи. Притоа ВМРО-ДПМНЕ после изборите ќе поддржи создавање на нова обвинителска институција за сузбивање на организираниот криминал и корупција веднаш по завршување на мандатот на постојното политизирано СЈО, но овој пат професионализирано и водено од јавен обвинител избран по пат на консензус на партиите кој ќе работи на случаите на постојното СЈО, а воедно ќе има и можност да ги доиспита незаконски прибавените снимени материјали за кои се тврдеше дека поради кусиот мандат не се испитани. Новото обвинителство ќе го испита и периодот на работење на актуелната Влада и сите афери поврзани со Владата вклучително и нерегуларностите на референдумот, но и сите материјали стекнати од незаконското прислушување кои се однесуваат на Зоран Заев и СДСМ“, рече Мицкоски.
Според него, ако Владата нема што да крие, ќе го прифати ваквиот предлог.
Во врска со пресудата за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и дали се точни шпекулациите дека некој од власта им нуди нешто на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во замена за амнестија на Груевски, Мицкоски не даде конкретен одговор.
„Самиот факт што во јавноста постои сомнеж дека некој од Владата тргува со правото и правдината, говори дека во оваа држава ниту има правда ниту има правдина, така што не би го коментирал сето она што во моментов се случува во РМ“, рече Мицкоски.
Исто така, тој повтори дека не барал општа амнестија и дека власта се обидува да го девалвира и да ја дефокусира јавноста.
„Власта непринципиелно лажно ме обвинува дека сум барал и тајно сум преговарал некаква општа амнестија и на тој начин сака да ме девалвира и да ја дефокусира јавноста од сите нејзини криминали. Измислуваа дека намерно сме го кочеле политизираното СЈО, па потоа дека наводно поддршката од пратениците за Договорот сум ја условулал со амнестија. Ниту сум условувал, ниту сум уценувал затоа што сите пратеници имаат должност да ја следат волјата на граѓаните изразена на референдумот“, рече Мицкоски.
Тој ги повтори барањата за избор на јавен обвинител на предлог на опозицијата, Пржинска техничка влада иста каква што имаа СДСМ пред изборите во 2016 година и Анкетна комсија за испитување на нерегуларностите на референдумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
23 години од масакрот кај Вејце кога беа ѕверски убиени, а потоа запалени 8 македонски херои: Стојанче Ангелов положи цвеќе и запали свеќи
Денеска се одбележуваат 23 години од масакрот кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија.
Масакрот се случи на денешен ден, 28 април 2001 година, во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија!
Делегација на Достоинство утрово положи букет свежо цвеќе и запали осум свеќи во чест и помен на осумтемина загинати бранители убиени во крвавата заседа кај с.Вејце. Фотографии објави генералот Стојанче Ангелов.
Македонија
Остануваат уште 9 дена изборна кампања: партиските агенди и денеска набиени
Уште 9 дена изборна кампања. И денеска лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател, ќе ги презентираат своите изборни програми.
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска ќе оствари средба со жителите на село Велебрдо и со жителите на општина Маврово.
Гордана Силјановска Давкова, исто така, ќе има средби со граѓани, додека коалицијата што ја поддржува предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира програмата за парламентарните избори пред граѓаните во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид.
Во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, ќе се сретне со граѓаните на Струга и Дебар, а претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, дел од Коалицијата „Вреди“ во рамките на изборните активности ќе даде изјава за медиумите во 12 часот во близина на „Веро“ во Чаир.
Македонија
Основците и средношколците од утре на пролетен распуст
Од утре до 6 мај, учениците од основните и средните училишта ќе бидат на пролетен распуст.
Пролетниот распуст е воведен првпат во оваа учебна година, па затоа има промена и во календарот за настава.
Па така, учебната 2023/2024 година за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.
Ден претходно, односно на 7 мај, вторник, во училиштата каде што ќе се организира гласањето, ќе имаат скратени часови и работно време до 11 часот.
Неработните денови поради изборите ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
Учениците во Скопје треба да надоместат и за пропуштената наставата на 30 ноември лани кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, Министерството за образование и наука ги задолжи директорите на училиштата.