Македонија
(Видео) Мицкоски во Кичево: Треба да бидеме мудри и обединети, одлуката народот ќе ја донесе
,,Ако не извлечеме поука од историјата која веќе еднаш се случува како трагедија, тогаш нејзината реприза е фарса, а ќе се согласите дека македонскиот народ поминал низ многу историски премрежја од кои ние како народ и држава треба да излеземе посилни, помудри, но и поискусни. Денес, овде стојам пред вас од преубавото Кичево и можам да заклучам дека Македонија е на голем крстопат, а повеќето патишта за жал се погрешни, некои водат кон слепа улица, а некои за жал во провалија. Од нас зависи каков пат ќе избереме и немаме многу можности во нашиот избор, само еден и единствен е вистинскиот пат, патот кој што води до нашата легитимна цел, а тоа е Република Македонија,порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски на протестниот марш кој се одржа во Кичево.
Најголемата опозициска партија ВМРО- ДПМНЕ денеска го одржа својот четврти протестен марш, против референдумот што ќе се одржи на 30. септември. Протестниот марш започна од пред железничката станица и заврши на градскиот плоштад, каде имаше обраќање лидерот на партијата.
Мицкоски рече дека пред да одлучи секој од нас кој пат ќе го избере, пред да ја донесе таа одлука, потребно е да знае дека пред нас претстои исклучително тежок период. ,,Би рекол период на специјална војна каде невистината ќе се прикажува за вистина, каде црното ќе ни го продаваат како бело, период на оцрнување на личности и нивно компромитирање, време кога ќе се ветува се и сешто, со една замислена цел, да им помине замисленото. Време кога ќе се омаловажува, ќе се сака да се влее зајадлив црв на сомнеж во секоја нова искра надеж. Ќе се занимаваат со нас, со теми кои се бледи, кои се само отргнување од реалноста. Ќе се силат, ќе се удираат во гради, ќе велат дека водат на анкетите не 3, туку 30 проценти разлика, но реалноста еве ја гледате, каде е Зоран Заев, каде е ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Фатени се до гуша во криминал, ќе велат дека се за НАТО и ЕУ, ќе се колнат во иднината, како што се колнеа во дедовината, а реалноста ја претворија во пекол. Тоа направија.
Но и тоа ќе помине и ќе дојде време кога ќе треба да се положат сметките и да се погледнеме во очи. Некои од нас ќе чекорат со гордо крената и исправена глава, но некои ќе се разминуваат со нас, ќе се веднат, ќе не знаат што да ни одговорат поради неправдите што ги прават на својот народ и на својата татковина, ќе се срамат еден ден, а ве уверувам дека тој ден доаѓа набрзо.Сите вие добро знаете дека Македонија е се што имаме, нашиот последен остров, нашата љубов, нашите корени и нашата иднина. Македонија е нашето се”, порача Мицкоски.
,,Она што тие сакаат сега да го направат е да искреираат една лажна надеж, поставена на погрешни основи. Тие сакаат да верувате дека сега нешто треба да „подголтнеме“, за да утре одиме напред, за да се реализира сето она што како природен порив толку многу и недостасува на нашата земја, за да ни тргне во економијата, за да здравството се подобри, да се реформира образованието, земјоделието да се потпомогне. Тоа е исто како некој да ви даде грст жолтици и да ви рече направете куќа, но изберете погрешни мајстори градбата ќе биде трула, ни куќа ќе имате ниту грст жолтици во раце ќе ви останат”, додаде тој.
Мицкоски порача дека треба да бидеме мудри и да бидеме обединети. ,,Леви и десни оние во центарот, определени и неопределени треба да знаете дека нашата земја Република Македонија е во прашање и треба да се размислува рационално. Нема време, ниту можност за грешки. Има многу луѓе што и од СДСМ не се согласуваат со ова што се случува денес со нашата татковина. И ќе кажам и ќе ги повикам и вие сте добредојдени и дојдете придружете ни се во овој историски момент. Има место за сите вас покрај нас. Ваша е оваа татковина.
Има една дилема и секогаш ме прашуваат каде да одам. Дали сте за ЕУ и НАТО. Да еве ви давам одговор. И за ЕУ и за НАТО сме ама сме жестоко против овој капитулански договор Ципрас-Заев и тоа е наше право и обврска. Зашто сме против? Затоа што го подрива нашиот идентитет и е против нашите принципи. Заборавете тоа, никогаш нема да се сложиме, овој договор е против нашиот идентитет и против нашите принципи, истакна тој.
Според лидерот на опозициската партија, имаме две можности: да продолжиме да го игнорираме фактот дека Македонија е тешко ранета или да се фатиме храбро и бескомпромисно во костец со причините за таквата состојба и еднаш за секогаш да ги поразиме, и да тргнеме силно напред бидејќи ние го бараме нашето заслужено место под чадорот на обединета Европа, на обединети европски нации и држави! Тоа го заслужува овој народ и ова парче под небото.
,,Немаме друга опција, Што треба да правиме? Да седиме и слушаме како оваа клептоманска власт со сесрдна помош на премиерот Зоран Заев и неговата дворска свита криминогени пробисвети мисли дека не лаже со празни фрази со празни бирократски фрази за наводно поголеми плати и не знам какви успеси, кога со свои очи гледаме и на своја кожа чувствуваме дека најбезобразно уништуваат се што ни е нам драго и комплетно ги здробија сите демократски институции макотрпно со години создавани…
Ние сме тие кои треба да одлучиме дали сакаме да бидеме вовлечени во ова сценарио, дали сакаме да им дозволиме да газат преку нас, нашите предци и нашите деца и внуци, дали ќе им дозволиме да не убедат дека политиката не е ништо друго освен пазар, дека само парите се важни, дека договорот всушност нема значење.Зарем ќе им дозволиме на наш грб и во наше присуство да ги спроведат своите погрешни идеи? Одговорот е НЕ! Нема да им дозволиме и затоа е потребен отпор. Сенароден отпор, институционален демократски пркос со филозофска мисла, со нови тези. Тоа е она што ни е потребно. Ќе бидеме мудри и трпеливи, но ќе бидеме тактични, кога ќе биде потребно да се тактизира, ќе бидеме гласни кога ќе оцениме дека така треба, ќе бидеме неуморни, вредни и полни со љубов за Македонија, и кога ќе дојде моментот ќе бидеме незапирлив оган кој се бори за иднината на нашата земја”, истакна Мицкоски и додаде:
,,Јас, Христијан Мицкоски, мојата сила и трпение го црпам од вистинските, нашите вредности, пренесувани од колено на колено, од љубовта кон моето семејство, нација и држава. Се борам за вистината и правдата зашто мирот и спокојството на мојата душа немаат цена.Стојам овде и Ве повикувам да ме следете ме во борбата во која што веќе длабоко сме загазени, не затоа што ние така сакавме, не затоа што ние одбравме така одбравме – туку затоа што едноставно не ни оставија друга можност, само оваа можност ја имаме, нашата борба. Таа борба не е лесна, ниту ќе биде лесна, ниту некогаш била лесна. Но, ви ветувам дека кога се ќе заврши, не толку далеку од сега, нашето знаме највисоко ќе се вее, иако поткинато и ако исцрнето од виорот на борбата, но ќе биде највисоко закачено на јарболот, затоа што од секој од нас зависи крајот на таа борба. Тоа, знаме е знамето на народот и новата надеж на овој народ и оваа нација, тоа е тоа знаме по малку искинато и пеплосано од виорот на борбата што го зафатила.

Направивме досега невидена новина, тргнавме на терен со преку 2000 волонтери, наместо да трошиме пари на скапи кампањи, и на крај не обвинуваат сме молчеле!? Е како молчиме!? Како ние молчиме, не има насекаде низ цела Македонија, во секое мало, во секоја улица, како молчиме!? Па не сме ние тие кои се затвораат по канцеларии и хотелски сали, далеку од очите на јавноста и договараат најсуштествени и најскапоцени национални интереси. Тоа сте вие, господине Заев и господине Димитров. Тоа сте Вие. Не сме ние тие.
Ние сме ВМРО, ние сме Македонија, ние не се осмелуваме да бидеме господари на судбината на илјадници генерации, ние не се осмелуваме да газиме на коските на паднатите херои, ние не плукаме на гробовите на нашите дедовци. Вие го правите тоа. Затоа замолкнете. Извадете го ВМРО од устите. Не заслужувате да го спомнувате тоа име и тие свети 4 букви.
Кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски ПР советници. Кој ми го дал мене тоа право? Моментот кога одбрав да влезам во политиката, свесно одбрав да бидам слуга на тој мој народ и тоа ќе продолжам да бидам”.
Според него, не може за национално прашање политички елити да одлучуваат. ,,Ова не се партиски надитрувања, иако знам дека на СДСМ позициите во партијата им се над се, на нас Македонците и нацијата ни е се и над се . Нема партиите да одлучат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука ќе биде конечна за сите партии и за сите политичари. И сите заедно ќе излеземе дента после тоа пред нацијата и ќе се поклониме каква и да биде таа одлука. Народот ќе одлучи”, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

