Македонија
(Видео) Мицкоски: Додека Заев тргува со името и достоинството на граѓаните, економијата тоне
Во време кога пред очи имаме трговија од страна на владата со националните и државни интереси, кога се склучува капитулантскиот договор на Зоран Заев со кој се брише името Македонија и се прават редица други отстапки на штета на државата, и во период кога Македонија останува без датум за преговори, економијата продолжува да тоне. Катастрофата во националната политика е само еден дел, а во реалниот живот е уште полошo, вели во видео-обраќањето претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, со раст од 0.1 % економијата на Република Македонија е најслаба во Европа, а најновиот податок за индустриското производство во мај од 1.1% покажува дека растот на индустријата е недоволен и далеку од потребното ниво. Тоа значи дека граѓаните продолжуваат да осиромашуваат, а економијата да е закована на дното. Производството во рударството е во слободен пад од минус 7.3 %, секторот Енергија забележува пад за 6.3 %, и нетрајните производи за широка потрошувачка за цели 6.0 % итн.
„И кога ќе сакаат да претстават лажна разубавена слика која е далеку од реалноста ќе кажат дека во април индустриското производство пораснало за цели 1.5 %, но во исто време пропуштаат да кажат дека освен тоа што растот е незначително мал, тоа е и далеку зад европскиот просек. Кога во Македонија имаме очајно индустриско производство кое бележи рас од скромни 1.5%, Словенија за месец април споредено со истиот месец лани има раст од 6.5 % или индустриското производство растело скоро за 4ипол пати повеќе од она во Македонија за истиот период. Романија пак забележува раст од 6 % што е за 4 пати повеќе од Македонија за истиот период, Полска раст од 5.9 %, Словачка раст од 4 %, Португалија и Финска раст од 3.8 отсто итн.
Македонија на чело со Зоран Заев пропушта драгоцено време. Граѓаните добро знаат дека не живеат подобро, ниту пак работите ќе тргнат кон подобро. Сите алибија на оваа влада се веќе потрошени. Имаме ситуација каде владата го одзема достоинството на народот, во исто време кога создава сиромаштија и истата ја зголемува. Младите се најпогодени и затоа си заминуваат и ја напуштаат нашата држава и тоа мора да престане“, вели Мицкоски.
Тој додава дека негова особена грижа ќе биде вниманието за потребата на оваа категорија на граѓани, затоа што тие заслужуваат подобро и тие заслужуваат повеќе. А ние тоа ќе го овозможиме. „За почеток ќе овозможиме загарантирано вработување за 500 – тини најдобри студенти секоја година. Наместо во странство тие својата иднина ќе ја градат тука меѓу своите најблиски во нашата татковина. Ќе понудиме и многу други проекти, следете не. Работите мора да се променат. Состојбата на порази кои оваа влада и Зоран Заев и ги носат на Македонија мора да престанат. Македонија заслужува подобро и Македонија заслужува победи“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 108 години почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка која се спаси од Холокаустот
На 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка и најстарата жива Еврејка по потекло од Битола, која го преживеа Холокаустот и до крајот на животот верно го чуваше споменот на битолските Евреи, јави битолската „Тера“.
Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола. Во 1943 година се спасила од депортација во нацистичките концентрациони логори, откако била сокриена во багажникот од автомобилот на тогашниот албански конзул во Битола. Благодарение на овој чин, таа успеала да го спаси животот.
Во тој период имала 26 години, а нејзините спасувачи ја однеле во Албанија, каде што ја поминала Втората светска војна. Со албанското семејство кое ѝ помогнало живеела до 1950 година, по што се преселила во Бостон, Соединетите Американски Држави.
Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината внука, познатата пејачка Сара Ароесте, која често престојувала во Битола и со голема посветеност го негува споменот на своето семејство и на еврејската заедница која некогаш живеела на Широк сокак.
Во објава на Фејсбук, Ароесте напиша:
„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга роднина Рејчел, на неверојатни 108 години. Рејчел е родена во 1917 година во Битолско. Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само 3 месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рејчел која беше вистински благослов за овој свет.“
Рејчел Нахмијас останува симбол на преживување, човечка храброст и жив сведок на трагичната судбина на битолските Евреи.
Македонија
Трифонов по инцидентот во Скопје: Со сила, убавина не бива – ЕУ ќе ја гледате низ искривена леќа
Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“ Слави Трифонов се огласи во врска со инцидентот во бугарската амбасада во Скопјe. На 11 јануари, напаѓач фрли камен кон вратата на дипломатската мисија. Чинот беше снимен на безбедносните камери на амбасадата, по што мажот беше уапсен, а настанот опишан како изолиран случај и осуден од страна на македонските власти.
Според Трифонов, проблемот не е скршеното стакло, туку ставот. Обично сакате да го скршите стаклото на некој што не го сакате, нагласува Трифонов.
Тој истакна дека пред години бил во Скопје и видел огромен знак со големи црни букви: „Бугари, умрете“ во близина на бугарската амбасада. Според него, ништо не се променило од тогаш.
Мудриот бугарски народ има една соодветна изрека: „Со сила, убавина не бива“, истакна тој.
„Ако не сакате, ќе останете во Северна Македонија, ќе ги гледате глупавите, одвратни црни натписи, ќе скршите некое стакло од време на време, тајно ќе сонувате да имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на море во Сончев Брег секогаш кога е можно, ќе ги праќате своите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската Унија низ искривена леќа. Објективно кажано, токму тоа го заслужувате“, истакна Трифонов, пренесе „Њуз.бг“.
Македонија
ДОМ: Конкретни решенија за една изборна единица, а не само декларативност
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во пресрет на најавената меѓупартиска лидерска средба закажана за 14 јануари 2026 година од премиерот Христијан Мицкоски, ја поздравува можноста за дијалог за суштински политички консултации околу важни реформски закони и процеси што треба да ја зајакнат нашата држава и демократија.
„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:
· Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица.
ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:
* Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата.
* Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување.
* ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови.
* 50% жени на листите бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност.
За ДОМ ова не е партиски интерес туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
Ја повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијатива за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, велат од ДОМ преку соопштение.

