Македонија
(Видео) Мицкоски: Економијата се движи кон амбис, но имаме план како да ја вратиме на победнички пат
Tреба да се отвори јавна дебата за делотворноста на дел од мерките кои се преземаат, бидејќи бројот на сега заболени од коронавирусот е ист онаков како и пред воведување и имплементација на самите мерки, порача денеска во своето обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека економската состојба во државата е сè потешка и дека бизнисот трпи големи штети, а, како што рече, владата е без сериозен концепт и стратегија за развој.
„Штетите за два месеца криза сигурно ќе беа помали доколку државата ја дочекаше оваа криза во економски солидна состојба, како што велеа дека блескаме, а во суштина сме се движеле во амбис. Потрошија 120 милиони евра во првите три месеци насочени кон обид за корумпирање на изборите што требаше да се одржат на 12 април“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Сега откако парите се потрошија, рече Мицскоски, владата моли кредитори да позајми. Според него, денес Македонија доживува втора транзиција.
Во рамките на своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ презентираше четири индикатори кои, како што рече, јасно ставаат до знаење дека економијата не само што не блеска, туку економијата се движи директно кон амбис.
„Најпрвин ќе го коментирам индустриското производство. Индустриското производство, во март месец 2020 година е за 13,4% помало од истиот месец лани, а за периодот од јануари месец до март месец годинава или првиот квартал од 2020, е за цели 3,7% пониско од истиот период во 2019.
Преработувачката индустрија, пак, којашто е најголем дел од индустриското производство, некаде околу 75%, во месец март годинава бележи пад од цели 14,3 проценти споредено со истиот месец ланската година.
Вториот индикатор вели дека бројот на работниците во индустријата во март е за 4,5% помал од бројот на работниците во март лани, а истиот тој број на работници во периодот јануари и март годинава, во првиот квартал, е за цели 3,6% помал од бројот на работниците во индустријата за истиот период во 2019.
Извозот, којшто е најзначаен за македонската економија и за сите оние компании кои се извозни, во март годинава бележи рекорден пад од 26,6% споредено со истиот месец лани, а во периодот од јануари до март извозот бележи пад од 8% споредено со ланската година.
Четвртиот параметар се даноците коишто УЈП ги собира. Управата за јавни приходи од јануари до месец април 2020 година планирала да собере околу 31 милијарда денари, а реализирани се 24,7 милијарди денари или за 20 проценти помалку од планираното. Зборуваме за даноци што се однесуваат на последниот месец од 2019 година и на првите три месеци од 2020 година. Најтешкото допрва следи, а тоа се месеците април, мај и јуни. Овие даноци што ги прибрала УЈП се за 10 проценти помали за истиот период во 2019“, нагласи партискиот лидер кој посочи дека тоа се четири суштински индикатори кои треба да ја вклучат ламбата, дека нешто не чини во економијата и дека треба да се менува.
Мицкоски порача дека треба да се слуша што говорат искусните, што говорат оние коишто поминале вакви кризи и, како што кажа, успешно се справиле со нив.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потребни се не само мерки туку и цел еден систематски план како да се излезе од кризата.
„ВМРО-ДПМНЕ предлагаше многу мерки кои или делумно со големо задоцнување се прифатија или беа целосно примитивно игнорирани. Бидете спокојни, затоа што за брзо ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди сеопфатен план од мерки како да се излезе целосно од кризата и како да се врати македонската економија на победнички патеки“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

