Македонија
(Видео) Мицкоски: За да се затскрие сведочењето на бизнисменот, покажаа фотографии дека бил на 27 во Собранието
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓаните и членовите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Центар. Тој пред присутните истакна дека економската ситуација е катастрофална и на Македонија ѝ се случува цунами „Заев, Тевдовски, Анѓушев“, а денес на тоа цунами му се придружи и Сугарески.
„Видоа дека ги критикуваме дека немаат капитални инвестиции па на прес-конференција најавија дека ќе инвестираат 270 милиони евра во реализација на патишта во Република Македонија. Ама заборавија да кажат дека тие проекти беа направени пред 10 месеци и дека парите за реализација на тие проекти беа предвидени уште пред 10 месеци. Па се поставува прашањето што правеле тие овие 10 месеци, ги преспале?“ рече Мицкоски
Тој посочи дека планот 3-6-9 не е реализиран.
„Сами го направија планот и сега им бараме отчет колку реализираа бидејќи поминаа 9 месеци, а резултатот е само 42 отсто реализација. Сега наеднаш планот 3-6-9 стана 3-6-9 плус, што значи ќе се развлече до недоглед, во математиката тоа го нарекуваме полутосечка“, истакна Мицкоски.
Мицкоски се наврати и на пензиите и посочи дека било ветено 10% поголеми пензии, но дека ни тоа не се остварило, а зголемувањето е укинато.
„Ниту прават реформи ниту, пак, имаат намера да ги прават, а ниту имаат план како да ги направат тие реформи. Единствено имаат план како ова цунами побрзо да се збогати и да ја уништи државата. Сè на сè, катастрофална ситуација“, вели Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека Македонија има економскиот раст од 0%, кој е најслаб во Европа, не се креираат нови работни места, а директните инвестиции споредено со минатата година се помалку за 100 милиони евра. Потенцираше и дека девизните резерви во овие 10 месеци се намалени на 218,2 милиони евра, додека монетарното злато изгуби вредност од 12,5 милиони евра.
„Намалено индустриско производство, градежништвото стагнира со најмалку 30%, но она што е пострашно е што договорените работи за во иднина се помали за 12% од тие што беа во 2017 година. Значи оваа 2018 ќе биде катастрофална“, рече Мицкоски
Мицкоски посочи дека за да се затскрие сведочењето на бизнисменот од Струмица почнале да вадат фотографии дека бил на 27 во Собранието.
Претседателот Мицкоски потенцира дека не крие за неговото присуство пред Собранието, дека нема од што да се срами или да лаже зашто таму бил со сопствениот народ. Му порача на СДСМ дека и следниот пат ќе биде со народот и дека на следните избори ќе биде поразен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.

