Македонија
(Видео) Мицкоски: Македонија не смее да остане зад портите на ЕУ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање на вчерашната конференција „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ , се заблагодари на можноста за учество на ваквиот настан кој испраќа порака на заедништво, заеднички цели и решителност за европеизација и споделување на заеничките европски вредности, но и подготвеност за градење на мостови на соработка во услови кога тие се многу малку на број, да се испрати порака дека нема поинаква иднина освен европската, како и тоа дека на тој план сите ние имаме една иста цел напредок, поголеми стандарди и приближување кон европската иднина.
„Европската Унија не смее да биде утопија, туку практични вредности кои треба да ги исполниме, сите нас овде кои сме присутни не поврзува тоа што сакаме да бидеме дел од ЕУ и веруваме во европската иднина, но веруваме и во просперитетот на регионот, нам претставниците на македонската опозиција не поврзува една карактеристика и овде и во регионот, а тоа е што имаме неодговорни влади кои ја злоупотребуваат европската идеја за лични интереси и газење на европските вредности за кои ние денеска се залагаме“, истакна Христијан Мицкоски.
„Регионот нема да има напредок ако европските вредности останат само флоскула, без дела, празни зборови кои владите ќе ги изговараат, а нема да ги применуваат, а тоа не е доволно. Денес, Македонците исто како и Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите останатите граѓани имаат еден сон како да имаат подобар живот, а тоа е така затоа што тешко живеат. Затоа младите си заминуваат и ја бараат својата среќа во други земји, градовите низ Македонија се празни“, додаде тој.
Мицкоски говореше за разликите кои иако ги имаат политичките партии за кои рече дека се помали од заедничката цел, а тоа е да ја придвижиме државата и регионот кон ЕУ, и истото може да биде направено доколку се дејствува обединето, заеднички верувајќи во една идеја, затоа што граѓаните се уморни од ветувања, лаги и неспособност, како и постојано чекање во европската чекалница и верувања во сон кој никако да дојде.
Тој се осврна и на соживот во Македонија и потенцираше дека граѓаните се уморни од лагите на власта, па по тоа не е доволно само власта да кажува дека соживотот е важен, туку што прави таа за да ги зближи граѓаните, потреби се дела, затоа што со лаги не може понатаму, а власта ништо не прави за да обезбеди европска идинина и да се зачува соживотот на граѓаните.
„Не е точно дека сите политичари се исти, ние вистински веруваме во Европа, ние сме за подобар живот, а власта имаше шанса да направи подобар живот, но шансата ја упропасти, нашите европски политичари треба да ја ценат важноста за интеграција во регионот, како и одблиску да ги следат процесите, да инвестираат во политики кои носат резултати, како и да не подржуваат едностани политичари кои се далеку од европската идеја“,посочи Мицкоски.
Тој потенцираше дека Македонија не смее да остане зад портите на ЕУ и упати убедување дека вчерашната конференција е основа за добра соработка и подадена рака во насока на менување на работите за европската перспектива.
На конференцијата свое обраќање имаше и Пауло Рангел, заменик претседател на Европската Народна Партија (ЕПП) кој истакна дека од суштинско значење е соработката на сите партии од сите етнички заедници како и потребата од силна проевропска опозиција која ќе работи во насока на создавање на реформи и која ќе гради мостови до заедничката европска перспектива на Македонија.
„Добрата соработка на сите партии од сите етнички заедници, како и од регионот е од суштинско значење, ја охрабрувам оваа иницијатива за целите на градење на заедничка цел, за да дојдеме до целосна Европа, затоа што не може да постои целосна Европска Унија без Македонија“, истакна Рангел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во 2025 извршени 1.700 надзори за животната средина, издадени 20 решенија и три забрани за работа
Во текот на 2025 година, заклучно со 20 декември, во државата биле спроведени вкупно 1.700 инспекциски надзори во областа на животната средина, при што биле утврдени 398 неправилности и издадени исто толку решенија во инспекциска постапка, соопштија надлежните на денешната прес-конференција.
Како што беше истакнато, покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки. Надзорите опфатиле редовни, вонредни и контролни инспекции, а биле спроведувани согласно Годишниот план за работа и Акцискиот план за краткорочни мерки за чист воздух за периодот ноември 2025 – март 2026.
Во рамки на Акцискиот план, од 1 ноември до денес биле реализирани над 55 инспекциски надзори кај инсталации со А-интегрирани еколошки дозволи, при што биле издадени 20 решенија и три забрани за работа. Надзорите биле спроведени на целата територија на државата, во инсталации со влијание врз животната средина преку емисии во воздухот.
Надлежните информираа дека во 2025 година кај Цементарница „Усје“ биле извршени вкупно шест инспекциски надзори – два редовни и четири вонредни, од различни државни инспектори, вклучително и вечерни, ненајавени контроли. Кај сите надзори не биле утврдени неправилности во работењето на правниот субјект.
Дополнително, биле реализирани и ненајавени вонредни мерења на емисии во воздухот, во соработка со лабораторијата при Министерството за животна средина и просторно планирање и Управата за животна средина. Цементарницата, како што беше наведено, доставува месечни извештаи за емисии во воздухот од сите емисиони точки, како и полугодишни извештаи од мерења спроведени од акредитирана лабораторија.
Во делот на дозволите беше појаснето дека Цементарница „Усје“ поседува А-интегрирана еколошка дозвола издадена во март 2020 година, со важност од седум години. Најдоцна до март 2026 година, операторот е должен да поднесе барање за нејзино обновување, при што постапката ќе вклучи и учество на јавноста и примена на најдобри достапни техники.
Надлежните информираа дека од крајот на 2018 година Цементарница „Усје“ користи алтернативни горива со стапка на замена до 15 отсто, како дел од концептот на циркуларна економија. Во 2024 година, според годишниот извештај, не биле увезувани алтернативни горива поради законската забрана за увоз на отпад за енергетски цели, а користени биле биомаса од земјоделски отпад, селектиран отпад од текстилната индустрија, отпад од пакување и отпадна пластика што не може да се рециклира.
На прес-конференцијата беше нагласено дека инспекциската служба има превентивна и надзорна улога, а мерењата на емисии ги вршат исклучиво акредитирани лаборатории. Податоците од континуираниот мониторинг, кој се спроведува 24 часа дневно, седум дена во неделата, се обработуваат софтверски и се доставуваат до надлежните институции.
Македонија
Дурмиши: Новите закони носат удар врз сивата и силна поддршка на формалната економија
Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Тој посочи дека според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани, што, како што нагласи, претставува сериозен предизвик кој бара системски, а не ад-хок решенија.
Министерот Дурмиши потсети дека Министерството и досега преземало мерки преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажале дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови.
„Токму затоа беше донесен Законот за работно ангажирање на лица, кој ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година и претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работници“, рече тој.
Според него, со законот се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање на работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Дурмиши нагласи дека законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права.
Во првата фаза, како што информираше министерот, се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.
„Со примената на законот се очекува формализација на околу 17.400 лица, од кои до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите“, рече Дурмиши.
Тој истакна дека реформата носи придобивки и за работниците и за работодавачите, преку поедноставени административни постапки, исплата по час, уплата на придонеси и јасна правна заштита на работничките права.
Паралелно со ова, министерот потсети дека од 1 јануари 2026 година започнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој обезбедува финансиска поддршка за компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст на приходите.
„Комбинацијата од овие два закони значи истовремено сузбивање на сивата економија и активна поддршка на формалната економија, со што државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима“, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Македонија
Кочани по трагедијата во Швајцарија: „Со вас сме, не како набљудувачи, туку како родители што ја носат истата рана“
Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани упатија јавно сочувство до семејствата на жртвите во пожарот во швајцарски бар, наведувајќи дека веста за трагедијата повторно ја разбудила болката што никогаш не заминала.
„Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на ‘пред’ и ‘по’. Ние, семејствата на починатите во пожарот во ‘Пулс’ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот“, наведуваат тие.
Во пораката истакнуваат дека ја познаваат болката кога ќе остане столче, тишината што зборува погласно од зборовите и тежината на секој здив.
„Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана“, порачуваат тие.
Пораката е објавена на Фејсбук, со апел дека во вакви моменти најважни се човечноста, солидарноста и подадената рака, како потсетник дека никој не треба да биде сам во болката.

