Македонија
(Видео) Мицкоски: Ниту анкетите напишани на „Бихаќска“ нема да им помогнат, пирејот се буди
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од Свети Николе порача дека на 15 јули граѓаните одлучуваат за иднината на нашата татковина.
„Одлуката овој пат е помеѓу сосема две спротивставени политички понуди. Срам или чест. Подвиена кичма или исправена кичма. Да не спомнувам какво предавство му направија на сопствениот народ ветувајќи му подобра иднина. А денеска, по речиси четири години мандат, Европската Унија ги затвори вратите за граѓаните на Македонија. Ете таква перпектива овие луѓе може да донесат и ја донесоа. А за пљачки да не зборувам. Ќе почнам од нивниот генералниот секретар, па ќе завршам со куферчето ‘луј витон’, кое заврши во Обвинителтвото што веќе не постои. Затоа овде јасно и гласно да се разбереме. Секој оној што ќе заокружи за Љупчо Николовски, слугата на Зоран Заев, директно заокружува за уништување на Македонија. Затоа, на 15 јули јас чувствувам голема енергија, го чувствувам пирејот како се буди во секој, без разлика на етничката и верската различност, голема победа се случува. Голема победа ќе се случи на коалицијата за обнова предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ниту оние анкети напишани на ‘Бихаќска’ нема да им помогнат“, рече Мицкоски.
Не може да правиме држава, додаде тој, без да има одговорност.
„Затоа, секој од политичарите мора да докаже како го стекнал својот имот, своите автомобили. Не можам да се помирам со фактот што го видов додека го посетував секој град, секое село. Тага во очите кај народот. Тага и болка во градите. А разочарување се изговара од устата. Затоа што секој се чувствува изневерен, излажан. Па, луѓето велат сите политичари се исти. Не сме исти. Заврши времето на СДСМ-политичарите – елитисти, завалени во кожени фотелји, кои газат по дебели црвени персиски килими. Овие политичари ќе го следат принципот на народот. И овде заедно со народот ќе си ја обновуваат Македонија. Ние не сме СДСМ, па да владееме со народот, туку заедно со народот ќе ја обновуваме татковината. Тоа треба на сите да им е јасно. А за оние што владееја во минатото и се богатеа на грбот на народот и згрешиле пред законите, одговорност ќе има. Од 16 јули почнуваме веднаш со лоцирање на одговорноста“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

