Македонија
(Видео) Мицкоски од Париз: Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе испорача реформи и борба против криминалот
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе испорача реформи и бескомпромисна борба против криминалот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со потпретседателот Александар Николоски и членот на ИК, Игор Николов, во Париз оствари средба со пратеникот во францускиот парламент и потпретседател на комитетот за надворешни работи, Жак Мари, и со францускиот сенатор и поранешен француски министер за одбрана, Алан Ричард.
„Ја пренесовме нашата порака дека по следните предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат во април следната година, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се фокусира на исклучително квалитетни реформи од областа на владеењето на правото, обезбедување независно обвинителство, независно судство, нешто што недостига во овој период. Односно, сето она што денеска добро изгледа на хартија, ќе биде можеби подобрено, но сето она што денеска во пракса практично не е применливо, ќе биде испорачано во реформите што следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донесе во Македонија веднаш по предвремените парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Додаде дека на средбите станало збор и за можната економска соработка, зголемување и продлабочување на дипломатските односи помеѓу двете земји бидејќи Франција била и останува стратегиски партнер на нашата држава и главен промотор во рамките на НАТО и во рамките на Европската Унија.
„Ја пренесовме пораката дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема само да ветува, туку тоа што ќе го вети, практично и ќе го испорача. Во рамките на владеењето на правото, бескомпромисна борба со криминалот, бескомпромисна борба со корупцијата и она што денеска, повторно ќе кажам, изгледа добро на хартија, но, за жал, недостига имплементацијата, следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го имплементира и ќе биде дел од политиките на идната влада“, изјави Мицкоски по средбите во Париз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

