Македонија
(Видео) Мицкоски повика на лидерска средба
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика лидерите на релевантните политички партии, да седнат и да разговараат отворено за прашањето кое што денеска е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед Бугарија. Тој смета дека вакви сериозни прашања се решаваат на лидерска средба на маса.
„Како политичар не верувам дека нашиот источен сосед ќе ја блокира Македонија во евроинтеграциите за тоа што ако се суштински, не само декларативни изјавите на политичарите од кај нашиот источен сосед тоа нема да се случи, и покрај сите авантури кои што ги направи Зоран Заев изминативе години. Така што како втор заклучок на вашето прашање не верувам дека тоа ќе се случи и ги охрабрувам тоа да не го направат. Затоа што така не ја загрозуваат само иднината на македонските граѓани, ја загрозуваат и сопствената иднина како граѓани на ЕУ.
Често пати во минатото сум имал телефонска комуникација со господинот Бујар Османи, за жал навикнат сум на невистинити работи да слушам од другата страна на слушалката. И се сомневам дека на уште една таква комуникација дека би слушнал некоја работа поинаква од невистината која што сум ја слушал во минатото. За жал кај нас многу политичари, многу политичари заборавија што значи зборот чест, честитост и зборот збор. И се надевам дека времето кое што е пред нас ќе ги промени овие политичари да се вратат на зборовите чест, честитост и збор во вистинска смисла на зборовите“, вели Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите релевантни политички лидери да седнат на лидерска средба и да поразговараат за сите актуелни, а крупни политички прашања кои што треба да ја детерминираат иднината на македонските граѓани и на Македонија како држава.
„Тука пред се мислам на случувањата околу преговорите со нашиот источен сосед, тука мислам на пописот, тука мислам на катастрофата во економијата, дебаклот во образованието, не знам дали знаете софтверот кој што беше скапо платен не функционира, еве јас од прво лице можам да ви посведочам, за сето она кое што е погрешно од државата мислам дека е потребно не е една туку повеќе лидерски средби, и заеднички да излеземе со решение пред граѓаните. Затоа што на граѓаните им е преку глава од политиканство и политики. Граѓаните сакаат да видат став, стратегија и визија како ние ќе излеземе од ова. Не може ние да зборуваме дека блескаме, а суштината е сосема поинаква. Напротив, треба да седнеме и да покажеме сите зрелост. Нивото на телефонска комуникација е незрел потег. Се знае како се решаваат овие прашања“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

