Македонија
(Видео) Мицкоски го стопира разрешувањето на јавниот обвинител: Ситуацијата е чувствителна, да им дадеме шанса да сработат
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител ќе се запре во моментот до онаму каде што се наоѓа.
„Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството, планираме таа постапка да ја запреме онаму каде што се наоѓа затоа што цениме дека обвинителите што работат, особено на случајот во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат.
Кога кажав дека сме задоволни, впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство, што резултира со 34 обезбедени лица, кои имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај, но тука нема да застанеме, случајот ќе се проширува“, рече Мицкоски.
„Исто така, јавноста е чувствителна и на некои случаи од минатото за кои ќе треба да видиме, да почекаме дали Јавното обвинителство има амбиција и тука да констатира некои неправилности од минатото и дали би можело повторно тие случаи да ги преразгледа, па да видиме дали навистина сме сите за правда или таа правда треба да биде селективна. Да видиме дали навистина таа правда некогаш е добиена или таа правда била селективна, така што ние како Влада го охрабруваме, тоа е работа на Обвинителството, не е наша како Влада, но го охрабруваме во таа насока да се движи и без разлика, секој оној што направил каква било грешка и работел спротивно на законот, да биде санкциониран“, рече Мицкоски.
Тој го охрабри Јавното обвинителство да работи неселективно и секој оној што и во минатото имал каква било улога или извршувал каква било функција и бил вклучен во овој или слични случаи да биде санкциониран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

