Македонија
(Видео) Мицкоски: Потребни се предвремени парламентарни избори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку видеобраќање на „Фејсбук“ порача дека се потребни предвремени парламентарни избори на кои, како што вели, народот ќе одлучи дали е за понижена Северна Македонија или, пак, за напредна и успешна Република Македонија.
„Денес по водство на Заев, Македонија е поделена, поранлива и послаба. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори. Избори на кои вие, народот, ќе одлучите дали сте за понижена Северна Македонија или, пак, сте за напредна и успешна Република Македонија.
Избори на кои ќе ги победиме црнилата. Избори со кои ќе ја донесеме зората. Ова е борба на нашата генерација и затоа изгреј зоро на слободата. Избори за Република Македонија“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе по повод 153 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од неговото раѓање.
Во рамки на државниот настан, свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и делегација на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, претставници на политички партии и граѓански здруженија и претставници на дипломатскиот кор.
По повод 153 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, панихида служеше Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан.
Македонија
(Видео) Филипче: Полицаец пред секое училиште и заострување на казните во сообраќајот, СДСМ подготвува законски измени
СДСМ ќе предложи законски решенија за поголема безбедност пред училиштата и во сообраќајот, најави претседателот на оваа партија, Венко Филипче.
„Сметам дека е добро што ќе има јавна расправа во Собранието. Ние како партија во текот на изминатите денови припремавме предлог законски измени и решенија и ќе ги презентираме на таа јавна расправа. Два конкретни предлози имаме како партија прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивањето на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот“.
Вториот предлог како што рече ќе се однесува на заострување на казните во сообраќајот.
„Заострување за казните за најтешките прекршоци во сообраќајот коишто дури ќе вклучуваат и одземање на возилото и тоа е по примерот на некои европски земји“, нагласи Филипче.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Нови 15 милијарди денари капитални инвестиции за општините, историски најголема инвестиција
Денеска, на редовна седница на Владата практично почнавме со постапката за објавување на вториот повик преку Министерството за локална самоуправа, со кој ќе се изрази интерес на единиците на локална самоуправа за финансирање капитални проекти од интерес на граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор, како што појасни, за втор јавен повик за искористување средства од оние 15 милијарди денари што Владата, како што дополни, ги стави на располагање на општините.
„До 15 милијарди денари ќе биде вредноста на овој втор повик. Но, тоа не подразбира дека сите овие средства ќе бидат потрошени во тековната фискална година. Ќе повторам, за да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во тригодишни буџети, и во 2025, и во 2026, и во 2027. Некои проекти да бидат само во 2025, некои да бидат и во 2025 и во 2026. Но, вкупниот волумен на средства со кои ќе се финансираат проектите од овој втор повик за кој денеска почнавме процедура на редовна владина седница е до 15 милијарди денари“, нагласи Мицкоски.
За таа цел, како што информира, се задолжуваат Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт и Министерството за култура и туризам да ги утврдат критериумите со кои ќе се финансираат овие проекти преку капитални дотации.
Владата, според премиерот, го задолжи или ќе го задолжи Министерството за локална самоуправа откако целиот процес ќе биде дефиниран, да го објави јавниот повик за изразување интерес од страна на единиците на локална самоуправа за финансирање на проектите што се дел од овој втор повик.
Ова, според него, се значајни средства, кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.
„Се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во единиците на локалната самоуправа, општините, преку кои директно се влијае на подобар живот и повисок стандард.
Ова е втор јавен повик, на минатиот повик 78 општини добија 288 проекти, со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари или повеќе од 73 милиони евра. И, дополнително, преку Министерството за транспорт приближно 800 милиони денари, тоа се средства кои со посебна програма беа доделени за финансирање проекти во општините“, потсети Мицкоски.
Како што оцени, вака директно им се помага и на граѓаните и на општините.
„И ова се мерки што се однесуваат само за граѓаните. Само вака, со работа и посветеност, го исполнуваме ветеното и Македонија станува повторно на народот“, додаде Мицкоски.