Македонија
(Видео) Мицкоски по средбата со коалицијата: Многу е важно што повеќе граѓани да се охрабрат да гласаат
„Добив едногласна поддршка за изборите на 15 јули, каде што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе остварат убедлива победа над актуелната власт. Ги информирав дека се прифатени условите за кои преговаравме и разговаравме со власта. А тоа се протоколи за заштита на здравјето на граѓаните и мисија на ОБСЕ/ОДИХР. За нас беше многу важно да се утврдат строги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со што се овозможи сите ранливи категории, хронично болни опфатени со мерките на претпазливост, соодветно да се пријават за гласање и да бидат посетени од ДИК доколку тие одлучат своето право на глас да го остварат од дома. Целосно ќе бидат заштитени при гласањето. И целосно нивното право за глас ќе биде тајно. Така што ги охрабрувам сите и да гласаат гарантирајќи го нивното здравје на денот на изборите или деновите пред 15 јули. Што се однесува до другите граѓани, тие ќе може во безбедни услови да излезат да гласаат на 15 јули“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со претседателите и претставниците на политичките партии од коалицијата „За обнова на Македонија“, со кои разговараше за актуелната состојбак како и за подготовките за изборите што претстојат.
Според него, многу е важно да има голем одѕив и што повеќе граѓани да се охрабрат да гласаат.
„Затоа што од нивниот глас зависи судбината на државата и таа е во нивни раце. Тие одлучуваат дали ќе ја променат грдата реалност кон подобро или ќе биде полошо. Изборот е јасен. Изборот е помеѓу кризи, кои ги прави власта, или обнова, што ја нудиме ние. Помеѓу измами и напредок, помеѓу ова раководство на СДСМ и Зоран Заев или Македонија. За сето она што го ветуваме, стоиме до последен збор. И тоа ќе го оствариме. Знам дека и сите други политичари ова го говорат, но видовме дека ова раководство на СДСМ и Зоран Заев не умеат да исполнат.
Изборот сега е помеѓу ова раководство на СДСМ и Зоран Заев, кои докажано не исполнуваат, и коалицијата „За обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за која се знае дека работи и исполнува. И знаете дека овој пат го имате мојот личен збор, дека обновата доаѓа. Нам ни треба извесна иднина, во која ќе можете да планирате и да се потпрете. Да, дојде крајот на времето на искушенија, несигурности и постојани кризи. Треба вистински да се нормализираат работите, вредностите да дојдат до израз. Нема да се задржувам на празни флоскули. По 15 јули, нè чека многу работа затоа што нашиот проект е обнова, која ќе донесе силна економија, повисоки плати за 25 отсто или најмалку 6.500 денари повеќе од сега. Повисоки пензии од 20-ина проценти во еден мандат или повеќе од 3.000 денари за секој пензионер, невработеност под 10 отсто, намалување на даноците, рамен данок од 8 отсто, 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за 4 години. Целосна реконструкција на повеќе од илјада километри регионални и државни патишта, 150 километри експресни патишта во целата држава, енергетска обнова на домовите на граѓаните, нова фасада и оков на секој дом, при што инвестицијата половина ќе ја покрие државата. Природен гас за секое домаќинство, бесплатен приклучок на гас за секое домаќинство“, вели Мицкоски.
Тој ветува и поголеми плати за професорите и наставниците, 100.0000 денари за редовните универзитетски професори, 80.000 денари за вонредните професори, 60.000 денари за доцентите, 45.000 денари за асистентите на факултетите. Изградба на национална мрежа на 4 нови клинички центри и многу други проекти.
„Следува напорна работа и многу резултати. Власт која нема да биде непријател, туку партнер со народот. Подгответе се да бидете сведоци на нов почеток и многу причини зошто ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ се поинакви од СДСМ и коалицијата ‘Можеме’. Има зошто да ги поддржите ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

