Македонија
(Видео) Мојсоска: Ниту една оставка од морални причини додека во Србија цела влада се распушти
„Ние денес тука говориме за морална одговорност за најголемата трагедија која ја зацрни Македонија. Не знам дали им е јасно на колегите од ВМРО – ДПМНЕ но, морална одговорност е дури и кога немате лична вина да си поднесете оставка затоа што трагедијата се случила за време на вашиот мандат, па макар и да сте биле само еден месец на власт“, истакна пратеничката Јована Мојсоска од Левица, во говорот по интерпелацијата на министерот Тошковски.
Во својот говор направи споредба со соседна Србија каде за слична трагедија цела влада се распушти, а „политичката одговорност, односно неодговорност“,како што рече кај нас е сведена на тоа дури ни актуелниот директор на Пазарниот инспекторат да не е разрешен. Притоа истакана дека дури и министерот Тошковски да е беспрекорен, тоа што една година неговите началници во Кочани дозволиле да работи „ова дувло на смртта,“ тоа што кадрите кои ги поставил не извршиле контрола цела година, е доволна причина за морална одговорност на министерот кој им ја дал довербата за овие кадри.
„За беспрекорноста на акцијата и скапиот пиар на власта е доволно јасно што актуелните функционери кои се осомничени единствено се гонети поради јавен притисок. Токму премиерот Мицкоски два дена после трагедијата самоуверено изјави дека градоначалникот Папазов иако немал одговорност, се повлекол од морални причини. Дури откако јавноста бурно реагираше Папазов беше приведен. Истиот случај е и со актуелните дуректори на Дирекцијата за заштита за спасување, кои дури еден месец после трагедијата беа приведени, откако во неколку наврати и Левица реагираше“, истакна Мојсоска.
Се осврна и на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, за кого исто така рече дека не смогнале храброст да го разрешат, а тој не се појави ниту еднаш на прес конференција да даде одговори за колапсот на системот со лиценците на дискотеките.
„Не требаше да се случи трагедија од невидени размери за да се изврши вонреден инспекциски надзор и да се констатира дека од 80 дискотеки само 20 имале лиценци. Затоа што покрај вондредниот, инспекторатот е должен да врши и редовен инспекциски надзор“, рече Мојсоска и додаде дека само во Скопје има 28 пазарни инспектори, а 13 дискотеки. Само две дискотеки имале лиценци. „По двајца инспектори да влегувале во овие дискотеки еднаш во месецот, немало да има ваков башибозук и беззакаоние. Што правел вашиот директор на Пазарен иснпекторат цели пет месеци, кој и ден денес е на функција и не се повлече барем од моралнаа одговорност“, додаде Мојсоска.
Во излагањето посочи дека во изминатиов период доволно е кажано дека верижната реакција и каузалитетот на истрагата завшува кај МВР, односно под капата на министерот Тошковски се поставуваат правни преседани каде виновни се само оние од пред 12 години кои биле на функција, ама неговите соработници, кои во моментот на кривично правниот настан имале функција, поради партиската послушност се на слобода.
Мојсоска посочи дека ќе се задржи само на два моменти и тоа за самите случувања на кобната вечер и на сето она што следеше после трагедијата.
„Главната дилема за таа кобна вечер е зошто оперативната акција започнала во дискотеката на смртта дури во 2:30 часот по полноќ? Односно да разјаснам во детали. Таа вечер имало насока од Бирото за јавна безбедност низ повеќе дискотеки да се врши оперативна акција. Но во Кочани, наместо во еден часот да се пристигне во дискотеката Пулс, додека сменоводител е Драган Петрушев, иначе истакнат партиски активист на власта, полицијата оди прво да врши акција во друг кафич во Оризари?! Односно, наместо да се направи соодветна безбедносна проценка и акцијата да се одвива во дискотеката каде има над 500 млади од повеќе градови, одговорниот на смена одлучува прво да се оди во кафичот во Оризари, па во 1:30 часот да дојдат пред дискотеката Пулс. И пак полициските службеници не влегуваат веднаш туку кружат и вртат пред дискотеката Пулс уште еден час, затоа што најверојатно не смеело да биде попречено дилањето со наркотични средства. Ова не се мои тврдења, овие се тврдења на мајките кои ги закопаа своите деца“, рече Мојсоска и додаде дека полицијата влегла непосредно пред пожарот, речиси во 2:30 часот, пред завршување на концертот и „очигледно кога веќе нелегалната роба кај газда Деко е дистрибуирана“. Одговорниот на смена Драган Петрушев не е еден од осомничените полициски службеници, а нема ниту еден осомничен полициски службеник кој вечерта одлучил дека оперативната акција во дискотеката Пулс треба да почне во 2:30 часот.
„Ќе ја цитирам една огорчена мајка: И врапчињата знаат дека тука во Кочани има огромен синџир на дрога и корупција! Каде е пресечен тој синџир кога во вашата истрага немате ниту еден актуелен началник? Како можевте експресно да најдете пораки во телефонот на претседателката на Антикорупциска со осомничени во истрага, претседателка која иначе вашата ВМРО – ДПМНЕ ја изгласа, но не најдовте со кого комуницирал газда Деко и кој наредувал таа кобна ноќ полицијата да не пристигне порано и да ја спроведе оперативната акција?!“, го заврши Мојсоска цитатот.
За вториот момент рече дека се однесува на насилничката атмосфера за угушување на протести која ја диригирала власта, а МВР како главен орган на репресија пуштал кривични пријави против млади деца кои го демолираа кафичот на газда Деко. Рече дека се шиканирале млади деца, надвор од законските прописи се забранувале дронови на протестите и се повикувале новинарски екипи на сослушување.
„Вашиот партиски директор во Штип ги кинеше хамерите на децата кои сакаа само да изразат сочуство за своите врсници, вашите партиски директорки во Прилеп и Ресен им се за закануваа на децата со дисциплиснки мерки ако излезат на протест, па дури имате и пратеничка од Битола тука чиј сопруг јавно се закануваше на деца во Битола дека ќе бидат апсени за организирање мирен собир. Каде се кривичните пријави министре Тошковски за овие ваши партиски пулени кои се закануваа и личнуваа на сите оние што ја криткиваат вашата пропаганда?!“, праша Мојсоска.
За крај на својот говор посочи дека „полициските послушници“ се дрзнале да се закануваат на мајките кои ги закопаа своите деца. Истакна дека на последниот протест од една мајка јавно било посочено дека добиваат закани од полицијата дека тие ќе одгововаат. „И мајката додаде дека за тоа треба да се праша министерот Тошковски и директорор на БЈБ. Еве јас ве прашувам министре, дали на солзите на една мајка тренирате полициска дисциплина, затоа што очигледно цела година кадрите вие кои се ги избрале не тренирале дисциплина во криминалното дувло на смртта?!“, рече Мојсоска.
На крај го потсети министерот Тошковски дека советничката од ВМРО-ДПМНЕ во советот на општина Кочани покажала морална одговорност и побарала прошка од сите оние кои ја гласале.
„Таа жена во сиот свој мандат како советник имала помала политичка моќ и одговорност отколку вие во една година како министер за внатрешни. Вашата советничка имаше 100 легитимни причини да остане – а само една да си замине, чуството на лична одговорност. Таа ја одбра личната одговорност. И таа беше единствена светла точка која во оваа несразмерна трагедија покажа што значи чувството на морална одговорност“, истакна Мојсоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

