Македонија
(Видео) Најголеми последици од невремето во Скопје има Чаир

Невремето што го погоди Скопје попладнево се чини најголема штета предизвика во Чаир. Насекаде низ населбите има паднати дрвја и искршени гранки.
Откорнати дрвја и покриви се забележани и во Лисиче во скопската Општина Аеродром.
Како што објави Макфакс претходно град ги погоди приградските населби Илинден и Драчево, а во Бутел подвозниците се непроодни од насобраната вода од силниот дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Испитувањето на оштетените од пожарот во „Пулс“ треба да почне на почетокот на мај

Испитувањето на оштетените од пожарот во „Пулс“ во Кочани се предвидува да почне од почетокот на мај.
Од Обвинителството појаснија дека во зависност од здравствената состојба на повредените, a според однапред утврден распоред, навремено ќе ги известат за остварување на нивните права и за вклучување во постапката со нивно испитување.
Во моментот се прибавуваат и сите контактни и адресни податоци за оштетените од пожарот и семејствата на настраданите, како и за нивните полномошници во постапката.
Се додава дека обвинителскиот тим кој постапува во предметот интензивно презема итни дејствија кои не трпат одлагање. Се вршат сослушувања и координација на вештачењата неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка.
Македонија
Кривична за тројца полицајци од Кочани поради злоупотреба на службената положба, а во врска со дискотеката „Пулс“

Полицијата поднесе кривична пријава против тројца полициски службеници со иницијали К.Б., Г.Л. и А.Т. поради злоупотреба на службената положба, а во врска со дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од МВР велат дека првопријавениот К.Б., како помлад инспектор-водич на безбедносен реон во Полициската станица Кочани на 7 октомври пред две години, и второпријавениот Г.Л. како инспектор за прифат-сменоводител во Полициската станица Кочани на 25 ноември истата година, по спроведена акциска контрола во кабарето „Пулс“ Кочани изготвиле записник за сторен прекршок и прекршочен платен налог на неактивно правно лице ДПТУ Класик ДМ ДОО Кочани и на одговорно лице Д.Ј., иако знаеле дека на 15 февруари 2023 во Централниот регистар фирмата била регистрирана како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С., со што овозможиле имотна корист за правното лице ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов.
Третопријавениот А.Т., во време на извршување на кривичното дело на работно место командир на Полициската станица Кочани, во два наврати на 01.02.2024 и на 07.02.2024 одобрил и потпишал барање за поведување прекршочна постапка за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против неактивен правен субјект ДПТУ Класик ДМ ДООЕЛ Кочани и одговорно лице Д.Ј. и ги доставил до Основен суд Кочани – Одделение за прекршоци, претходно констатирани од првопријавениот на 07.10.2023 и од второпријавениот на 25.11.2023, иако знаел дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани – подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С..
Македонија
Се огласи антикорупциската комисија: „Продолжуваме редовно да функционираме“

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се огласи по вклученоста на нивната претседателка, Татјана Димитровска, како осомничена во истрагата за случајот „Адитив“.
Од ДКСК велат дека во рамките на своите надлежности продолжуваат да функционираат редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите.
„Како институција остануваме транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи“, се додава во соопштението на антикорупционерите.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.