Македонија
(Видео) На матурска вечер без автомобил
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во рамки на кампањите за зголемување на безбедноста во сообраќајот, започна со реализација на кампањата за поголема безбедност на младите во сообраќајот – посветена на матурантите, под мотото „На матурска вечер без автомобил!“
Кампањата има за цел да испрати силна порака до младите – да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол, туку на матурските прослави да користат јавен превоз, такси или возачка придружба на роднини, одосно да не управуваат со возило.
Со денешниот настан, кој се одржа во средното сообраќајно стручно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ како почеток на кампањата, започнуваат серија на теренски активности во организација Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата, МВР и Факултетот за безбедност – Скопје.
Почетокот на кампањата беше одбележан со предавање пред учениците од трета и четврта година – матуранти од училиштето каде свое обраќање имаа Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи, м-р Горан Ангеловски, претседател на РСБСП и Александар Стрезов, директор на АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Министерот Тошковски ја истакна важноста од соработката меѓу институциите за унапредување на сообраќајната култура кај младите и апелираше за одговорно однесување во сообраќајот.
„Немојте да си дозволувате да управувате возило и да бидете учесници во рамките на сообраќајот, а притоа да не ги почитувате правилата. Правилата се напишани и се создадени за да ги заштитат човечките животи. Ако сите ние при секое застанување на црвено, поминување на улица, при секое влегување во возилото, ги почитуваме правилата, верувајте ми дека сите овде ќе имаме подобар живот. Секој што се огрешил пред законот, а притоа има докази за тоа, ќе одговара. Никој не е и не може да биде над законот и правилата. Почитувајќи ги правилата, секој еден што го гледаме околу нас, ќе биде побезбеден во рамки на сообраќајот“, потенцираше министерот Тошковски.
Претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, нагласи дека матурските прослави се свечен чин за сеќавање со кој се заокружува еден дел од образованието на секој матурант и целта на оваа кампања е да се одвратат младите да не управуваат со моторни возила и не консумираат алкохол за време на прославите и да се влиаје на намалување бројот на сообраќајни несреќи кај младата популација, особено во овој период кога ризикот е зголемен.
„За време на матурските прослави не треба да консумирате алкохол и да управувате со моторно возило, односно треба да направите матурските прослави да Ви бидат чин кој ќе го паметите многу години, односно целиот живот. Да не дозволиме некое несовесно и неодговорно однесување во сообраќајот да заврши со трагичен крај. – апелираше Ангеловски“
Кампањата ќе продолжи во текот на април, мај и јуни преку низа активности, кои ќе се реализираат во средните училишта во Македонија.
Со оваа кампања, РСБСП уште еднаш испраќа јасна порака:
ПРОСЛАВУВАЈ, НО БИДИ ОДГОВОРЕН – ЖИВОТОТ Е ЕДЕН, КОЈ НЕМА ЦЕНА!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos

