Македонија
(Видео) Никовски: Го жртвуваме националниот идентитет, а не добивме ништо
Датумот за преговори за членство во ЕУ е чиста лага, Брисел одлучи да го разгледа повторно нашето прашање во јуни следната година и евентуално да ни даде датум за преговори доколку се исполнат одредени услови кои ги постави, вели за „Макфакс поранешниот амбасадор, Ристо Никовски кој е познат по своите ставови и согледувања за спорот и зачувувањето на името на Македонија.
„Клучот на проблемот е во фактот дека ова е нова потврда дека Македонија и другите кандидати освен Црна Гора немаат теоретски шанси да влезат во ЕУ пред 2033 година. Македонија утре да ги започне преговорите ќе и требаат најмалку 14 или 15 години да ги заврши и тоа доколку се оди идеално, а да бидеме јасни, на патот кон Брисел на разгледување на тие 33 поглавја, Македонија ќе има тешки сопки, пречки од Бугарија, Грција и други земји за да на крајот да ги затвори сите поглавја и влезе во Унијата“, вели Никовски.
Според него, договорот со Грција за промена на името е класична капитулација бидејќи, како што вели, Македонците со тој договор се откажуваат сами од себе, а не добиваат ништо за возврат од Брисел.
„Македонија уште утре да беше примена во Унијата и тоа подоцна да ги преговара тие поглавја не може да биде компензација на тоа што го направи Македонија. Државата е на почеток со тие европски интеграции, ова покажува дека беа дадени непотребни, тешки жртви, го жртвувавме националниот идентитет, и не добивме ништо, не само од Брисел туку и од Грција“, вели Никовски додавајќи дека Македонија прифатила неприфатливи услови, капитулирала со двата договори и дури сега почнуваат танталовите маки бидејќи договорите според него, ништо не решиле.
„Со Бугарија и Грција не е постигнат договор, Ние со Бугарија прифативме дека немаме сопствена историја, туку заедничка. Бугарија цело време реафирмира дека не можеме да влеземе во Унијата со македонизмот, односно игнорирањето на нашиот јазик не мора да го прави Грција, ќе го прави Бугарија. Тие веќе во Софија објавија дека јазикот на ПЈРМ не постои, тоа ќе го направат и во Брисел. Тоа исто така може да го направи и Грција, не во нивно име туку некоја друга држава наместо нив“, рече Никовски.
Македонскиот дипломат тврди дека мали се шансите договорот со Грција да биде спроведен односно никој друг освен актуелната власт нема да прифати таков договор во кој Македонците се откажуваат од државјанството кое со договорот станува двојно.
„Многу тешко дека ќе спроведе договорот, оваа приказна ќе заврши успешно за нас, кога велам успешно мислам на тоа дека договорот нема да помине. Ние се откажавме и од државјанството кое сега е двојно, македонско ќе се избрише, не може македонско државјанство да излезе од Северна Македонија. Нашите маки дури следуваат и ова ќе биде ужас до крај“, вели Никовски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

