Македонија
(Видео) Николова: Во тек е изградба на булеварот АСНОМ и новиот мост, кој ќе го поврзе Аеродром со Гази Баба и Центар
Во тек е изградбата на втората фаза од изградбата на булеварот АСНОМ, која вклучува изградба на нов мост преку Вардар, кој ќе ја поврзува општина Аеродром со соседните општини Гази Баба и Центар кај населбата Ќерамидница, на крстосницата со булеварот Гоце Делчев и улицата Беласица, изјави Даниела Николова од СДСМ Аеродром.
„Со изградбата на овој мост двојно се крати времето потребно за патување од Ново Лисиче до Центар, односно од Ново Лисиче до ‘Мавровка’ би се стигнувало за помалку од 5 минути“, рече таа.
Николова информира дека во завршна фаза е и реконструкцијата на булеварот Видое Смилевски – Бато, а минатата година целосно биле реконструирани булеварот Февруарски поход и уливата Владимир Комаров на потегот од железничка до булеварот Јане Сандански.
„Преку Општина Аеродром изградивме и реконструиравме голем број улици во сите делови на општината: нови краци на улицата Пандил Шишков, нова улица со јавно паркиралиште покрај улицата Фрањо Клуз, нова улица Новопроектирана 3 кај висококатниците, повеќе краци на улицата Венијамин Мачуковски во Мичурин, улиците Тодор Чангов 20, Тодор Чангов 41 и Ѓорги Крапчев 9, Божин Николов – Силни во Горно Лисиче и улицата 20 во Долно Лисиче. СДСМ продолжува да работи на изградба на нова и реконструкција на постојната патна инфраструктура во сите делови на општина Аеродром“, изјави Николова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје го задржува статусот „Европска престолнина на културата за 2028“, процесите се целосно одблокирани
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска во Брисел остварија работна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф.
Главна тема на средбата беше проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, при што делегацијата го информираше еврокомесарот Микалеф за моменталната состојба, предизвиците и неопходните чекори за негово понатамошно унапредување.
Министрите Љутков и Муцунски, заедно со градоначалникот Ѓорѓиевски, ги презентираа позициите на Владата и на Градот, за што добија јасна поддршка и разбирање од претставниците на Европската Унија.
„Сакаме да ја информираме македонската јавност дека проектот, за жал, досега беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, особено во делот на програмата содржана во апликациската книга – т.н. ’Bid Book‘. Наместо да се следат транспарентни и инклузивни процедури, проектот беше воден без консултации со релевантните институции, без усогласување со националните културни политики и без суштинско вклучување на културниот сектор. Ова сериозно го наруши кредибилитетот на апликацијата и ја загрози можноста Скопје да се позиционира како вистински европски културен центар“, истакна министерот Љутков.
Од Министерството за култура информираат дека по денешната средба и воспоставената институционална координација, процесите поврзани со проектот се целосно одблокирани и вратени во законски и професионални рамки.
„Владата и Град Скопје остануваат цврсто посветени на неговата реализација и ќе ги обезбедат предвидените средства од 40 милиони евра во период од четири години“, се наведува во соопштението.
Проектот претставува можност за темелна трансформација на Скопје – преку развој на културната инфраструктура, зајакнување на заедништвото, поддршка на иновации и промовирање европски вредности. Од Министерството наведуваат дека реализацијата ќе се спроведува со целосна транспарентност, отчетност и активно учество на сите релевантни чинители на национално и на меѓународно ниво.
„Скопје – Европска престолнина на културата“ е визија за отворен, модерен и динамичен град кој ја вклучува заедницата, ги охрабрува младите, ги поддржува уметниците и создава простор за силна културна размена и соработка.
Град Скопје во 2023 година беше избран за престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година. Богатата програма под слоганот „Култура над поделба“ со која Скопје се претстави пред ЕУ го освои срцето на Европа.
Македонија
Го предупредувале газдата за инспекции, а неговиот син давал поткуп за тоа – инспектори и даночни контролори нови осомничени за пожарот во „Пулс“
Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс”. Од нив, осум се денеска уапсени, а тројца се претходно обезбедени и за нив се веќе одредени мерки.
За тројца од нив донесена е наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.
Тие се осомничени за примање поткуп, додека одговорното лице – син на реалниот сопственик на „Пулс” е осомничен за давање поткуп.
За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс”, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.
Шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе” и „Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле – Злоупотреба на службената положба и овластување.
За нив се предложени мерки на претпазливост.
Сопственикот на „Пулс” кој веќе е во притвор во другиот предмет е осомничен за Фалсификување исправа, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот.
Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која, исто така, е опфатена со претходната постапка во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик поради откривање информации за ненајавени контроли.
Македонија
Муртезани на Самитот на лидери во Тирана: Нашиот пат кон Европа е заеднички избор и заедничка обврска
На покана на државната министерка и главен преговарач на Република Албанија, Мајлинда Дука, министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Тирана учествуваше на министерскиот состанок, што се одржа во рамките на Самитот на лидери за Планот за раст насловен „Нашиот пат кон ЕУ“.
На состанокот учествуваа министрите за европски прашања од Западен Балкан и главни преговарачи со ЕУ, високи претставници на Европската комисија, регионални организации како ЦЕФТА, Регионалниот совет за соработка, РЕСПА и претставници на финансиските институции ЕИБ, ЕБОР и Светска банка. Главна тема беше продлабочувањето на економската и институционалната интеграција на Западен Балкан во Единствениот пазар на Европската Унија преку клучните иницијативи од Планот за раст меѓу кои се „Роаминг како дома“, приклучувањето кон СЕПА, проектот WiFi4WB, Зелените коридори, Заедничкиот регионален пазар 2.0. и др.
Во своето обраќање министерот Муртезани истакна дека патот кон Европската Унија останува централна стратешка определба, нагласувајќи ја потребата од конкретни резултати и практична интеграција што носи реални придобивки за граѓаните и економиите во регионот.
Тој го поздрави отворањето на сите преговарачки кластери на Албанија со ЕУ како важен поттик за целиот регион.
Муртезани ги претстави постигнувањата на Северна Македонија во дигиталната и економската трансформација меѓу кои се унапредувањето на законодавството за електронски комуникации, воспоставувањето на центарот за вештачка интелигенција „Везилка“, приклучувањето кон СЕПА-системот и напредокот во рамки на иницијативата WiFi4WB. Тој потенцира дека земјата бележи резултати во повеќе од 29 реформски чекори преку Инструментот за реформи и раст, вклучувајќи области како дигитализација, подобрување на деловната клима и управување со јавните финансии.
„Западен Балкан денес не зборува само за европска иднина, туку ја создава преку конкретни реформи, регионална соработка и споделени вредности“, рече министерот Муртезани.

