Македонија
(Видео) Николовска: Со новиот Статут, ВМРО-ДПМНЕ станува најдемократска партија во регионот
ВМРО-ДПМНЕ е најпрогресивната и најдемократска политичка партија во Македонија, рече претставничката на оваа партија Ружица Николовска, на прес-конференција, зборувајќи за најновите измени на партискиот Статут.
„Новите измени во партискиот Статут се револуционерни во насока на поголема демократија во водењето на партијата, повеќе право на одлучување на комитетите и членовите во водењето на политика. ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за непосреден избор на претседател и раководство на општинските комитети директно од членството, понатаму демократски избор на идни државни функционери, кандидати за градоначалници.
Во насока на прогресивност и демократизација се воведуваат нови органи и тела на партијата, унија на ветерани, како и форум на интелектуалци, а се ограничува и правото на реизбор на претседател на партијата и на други функционери“, објасни Николовска додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е народна, државотворна, демократска партија со конзервативна идеологија, која ги застапува и штити македонските национални интереси и негува европски демохристијански традиции.
Таа истакна дека во Статутот се потенцира важноста на рамномерната застапеност на жените и мажите во рамките на органите и телата на партијата, како и застапеноста на младите во внатрепартиските структури.
„Се ограничува мандатот на претседателот на партијата, на претседателите на општинските комитети, како и на претседателите и членовите на сите органи и тела што се избираат на конгрес, новиот Статут им го ограничува нивниот мандат на 4 години, при што максимум на истата функција еден од овие функционери може да се задржи најмногу три мандати, и тоа под услов за третиот мандат да е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство“, појасни Николовска нагласувајќи дека со новиот Статут мандатот на сите други партиски функционери во сите органи и тела на партијата се ограничува на 2 години.
Новиот Статут на партијата исто така не предвидува почесни членови и почесни претседатели на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

