Македонија
(Видео) Николовски: Со порибувањето создаваме услови за зачувување и заштита на автохтоните видови риби во речните води
Како што информираат од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, почнува со порибување на риболовните води во земјата, кои во моментот немаат концесионер.

Денеска почна порибување на акумулацијата „Глобочица“, а настанот го проследи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Оваа акумулација се пориби со 40 килограми или 8.000 подмладоци од речна пастрмка и со 1.700 крапа“, соопштуваат од Министерството.
„Целта е зачувување и заштита на автохтоните видови риби во речните води, како и одржување на популацијата на рибите во оние риболовни води кои не се доделени на концесија. За оваа намена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со законските одредби, во годишните програми за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата предвидува финансиски средства за порибување на водите без концесионер со подмладок од пастрмка и крап. Во годинешната програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за порибување на риболовните води без концесионер се обезбедени 300 илјади денари, со кои ќе изврши порибување со 150 килограми подмладок од речна пастрмка или околу 30.000 единки и 350 килограми подмладок од крап, односно околу 2.350 единки“, изјави министерот Николовски.

Исто така, денеска ќе се изврши порибување и на риболовниот ревир „Црн Дрим 2“ со 20 килограми речна пастрмка, а во текот на утрешниот ден, се додава во нивното соопштение, ќе се порибат другите риболовни води предвидени во планот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација
Македонија
ВЛЕН: Ѓоко Ристов заедно со судијата Енвер Беџети го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков
Веста дека кај судијата Ѓоко Ристов се најдени 350 илјади евра пари осомничени за корупција не е само индивидуален скандал. Оваа вест уништува дури и последната доверба што граѓаните ја имаа во правосудниот систем, изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.
„ВЛЕН е убеден дека ова не е изолиран случај, туку врв на ледениот брег на еден скапан систем, кој со години ги штити силните, а ги угнетува обичните граѓани. Она што ја прави ситуацијата уште поалармантна е фактот дека Ѓоко Ристов не е непознато име за правдата. Напротив. Тој, заедно со судијата Енвер Беџети, сега прогласен за нон грата, беа и дел од судските одлуки што го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков, симболот на заробената држава, кој денес слободно вози Ферари во Монако“, рече Сулејмани.
Тој потсети дека Енвер Беџети бил санкциониран како нон грата заедно со бегалецот од правдата, исто така нон грата Артан Груби, токму врз основа на сомневања дека влијаеле врз одлуките што му овозможиле на Сашо Мијалков да ужива во слободата и да го троши своето богатство.
„Ако некој мисли дека ова се случајности, тогаш не разбира зошто граѓаните се револтирани. Затоа, денес поставуваме неколку конкретни прашања: во колку други случаи биле вклучени Ѓоко Ристов и Енвер Беџети? Во колку случаи биле дел од одлуки за притвор, финансиски гаранции или одложувања на постапките? Кои конкретни одлуки доведоа до ослободителни пресуди и избегнување на одговорност за моќници? Главното прашање што останува е кој ги држел овие луѓе на овие позиции толку години и зошто?“, рече Сулејмани.
Тој кажа дека потребни се целосни и независни истраги, конкретна одговорност, со имиња и презимиња и радикално чистење на систем скапан до срж.

