Македонија
(Видео) Николоски: Обвинителството да поведе постапка против Заев за „Рекет“
Обвинителството да ја прошири истрагата за „Рекет“ и да го осомничи Зоран Заев како организатор на рекетот, побара потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција.
Тој порача дека Зоран Заев треба да одговори зошто, според тврдењето на првоосомничениот Бојан Јовановски, го предупредил дека бил под истрага и против него имало случај уште на 3 април, далеку пред да биде поведено обвинение против инволвираните во случајот „Рекет“?
„Бараме МВР и Јавното обвинителство против Зоран Заев да отворат случај за сторено кривично дело прикривање и помагање во сторување кривично дело“, рече Николоски.
Со ова, како што рече Николоски, паѓа во вода тврдењето на Зоран Заев дека тој прв го пријавил случајот „Рекет“ уште на 22 април минатата година.
„Ако на 3 април ги предупредил осомничените, тогаш е невозможно на 22 април минатата година да пријавил нешто за што всушност не доставил писмена белешка како доказ во јавноста дека навистина го пријавил. Втората дилема е што барала главната обвинителка Русковска во друштво на првоосомничениот Бојан Јовановски, со кого нарачувале монтирани медиумски прилози за неистомислениците на Русковска во судството и Обвинителството. Ова открива две работи – имало медиум што бил злоупотребуван од власта и постои целосна соработка помеѓу Обвинителството, трас-трас судството и Зоран Заев. Трето, исто така многу важно, Зоран Заев е должен да одговори каква е таа олеснета положба, која им ја ветил на некои во осомничените во истрагите на СЈО? За какви повластувања говори Зоран Заев? Тоа е незаконско дејство и бараме МВР и Јавното обвинителство да отворат истрага против Зоран Заев. И, четврто, во дел од сведочењето на првообвинетиот Бојан Јовановски се дознава дека Зоран Заев ги наместил изборите во Охрид и дека имало изборни нерегуларности. Бојан Јовановски, вели, цитирам: ‘Заев со Кичеец зборуваа за местење избори во Охрид, а Кичеец имаше своја паравојска’“, рече Николоски.
Оттука, ВМРО-ДПМНЕ бара МВР и Обвинителството да спроведат целосна и темелна истрага за спроведувањето на локалните избори во Охрид и да истражат евентуални нерегуларности, како и изборни манипулации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

