Македонија
(Видео) Николоски: Сам дојдов да лобирам за датум за преговори, никој од власта не е во Луксембург
Денеска сум во Луксембург каде што се одлучува за тоа дали Македонија ќе почне преговори за членство со Европската унија, а власта никаде ја нема, критикуваше во изјава за медиумите потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Јас денес тука имам средби со министри за надворешни работи на земји членки на Европската унија, како и со други официјални лица од Европската унија. Решив самоиницијативно да дојдам за да дадам поддршка, но во исто време да кажам на сите тука дека ние зборуваме македонски јазик, ние сме Македонци, ние сме горди на нашата култура, традиција и историја, и така и ќе остане и тоа го знае цела Европа“, посочи потпретседателот на опозициската партија.
Тој сепак вели дека е разочаран од фактот што не забележал ниту еден претставник од Владата.
„Не го видов тука ни премиерот, ни министерот за надворешни работи, ниту вицепремиерот за европски прашања. Можат да речат дека не се поканети и јас не бев поканет, но дојдов. Битката за Македонија се води таму кадешто се носат одлуките“, дециден е Николоски.
Според него, власта во Македонија повеќе ја интересираат личните интереси, отколку битката за државата.

Според информациите од Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, од повеќе земји-членки на ЕУ пристигнале изјави за поддршка на Македонија и Албанија за почеток на преговорите, но за да се донесе ваква одлука, потребна е едногласност од сите министри на земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

