Македонија
(Видео) Николоски: Срамот на Зоран Заев да не дозволиме да стане колективен
Два дена по скандалозното интервју, наместо Зоран Заев да се извини и да се повлeче од изјавите кои претставуваат удар на темелите на македонската држава и самобитноста на македонскиот народ, тој уште подлабоко навлегува во небулози и навреди кон својот народ, рече денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Според него, Заев е изолиран во намерата да го избрише македонскиот национален идентитет и да се откаже од историјата.
„Тоа ќе има далекосежни последици, кои ќе значат македонската држава да нема право да се темели на илинденското и антифашистичко наследство, тоа е она што го прави Зоран Заев овие денови“, нагласи Николоски.
Потпретседателот на опозицизката партија вели дека кога Заев ги прогласува окупаторите за ослободители, со тоа македонските антифашисти, кои се вистинските ослободители, ги става на другата страна.
Николоски смета дека Заев ова го прави за, како што вели, голо останување на власт и уште малку финансиска корист и интерес за него и неговите блиски.
„Ова што го прави е целосно рушење на позициите на Република Македонија на трајна основа, ова што го прави значи целосно рушење на каква било преговарачка позиција на Република Македонија во иднина. И затоа што побргу треба да си поднесе оставка и да си замине“, рече Николоски додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на 100-те дена од доаѓањето на владата, ќе иницира прашање за доверба на Владата во Собранието на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.