Македонија
(Видео) Онлајн-донации за сите што сакаат да им подарат насмевка на децата без родители
Секојдневно се посакуваат многу нешта. Желбите на овој свет се безбројни. Некој посакува да отпатува до далечна дестинација, некој посакува да инвестира во својот кариерен напредок, некој посакува да го помине животот со саканата личност, некој посакува топла прегратка и среќно детство. Зад најзначајните и највредните нешта што се посакуваат во животот и зад исполнувањето на секоја желба на светот се наоѓа едно заедничко нешто – љубовта. Со цел исполнување на скромните детски желби, отсега сите оние што посакуваат да подарат насмевка на децата без родителска грижа и децата во социјален ризик, тоа ќе може да го направат на поедноставен начин преку онлајн-донации: https://sos.org.mk/zvezdeno%20nebo/
Водени од желбата да се поттикне свеста за донирање кај граѓаните и да се истражи колку е моќна желбата да им се помогне на оние на кои најмногу им е потребно, СОС Детското село реализира социјален експеримент во „Синеплекс“ во Скопје. Неколку анонимни лица подготвија специјални видеопораки за своите најмили. Тие беа емитувани на големото платно и нивните најблиски беа целосно изненадени од најмоќната порака на светот – „Те сакам“. Но, најсилната реакција ја предизвика контрасната порака на детето без родители, кое со своите желби за семејство и љубов ја потсети публиката во киносалата за важноста на помошта и донирањето за децата без родителска грижа и децата во социјален ризик во Македонија, како и дека секое дете заслужува љубов и соодветни услови да сонува и да успее во животот.
Сите што сакаат да ја претопат својата добрина во созѕвездие на љубовта, од денес може да донираат преку новата и подобрена официјална веб-страница на СОС Детското село: https://sos.org.mk/zvezdeno%20nebo/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

