Македонија
(Видео) Пак се разгоре пожарот во скопски Илинден, повикан е хеликоптер

Пожарот кај скопско Ајватовци кој утринава беше локализиран, пак се разгоре поради високите температури и ветерот.
Директорот на ЦУК, Ангелов, информира дека е ангажиран полициски хеликоптер за гасење.
Видеото е на Центарот за управување со кризи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсен е зетот на покојниот Зоки Фаци, ја запалил куќата во која живееле сестрата и внуците

Вчера наутро била избегната трагедија во која можело да настрадат станари во зграда во скопската населба Ново Лисиче откако Тодор Митровиќ, зет за сестра на покојниот естраден новинар Зоран Василевски Фаци го запалил станот во кој живееше Василевски, а сега живеат неговата сестра и двајцата внуци, како и куќата што ја имаше Василевски во Катланово. Според првичните информации, сестрата и внуците на покојниот новинар подолго време биле жртви на семејно насилство.
Едно лице е приведено заради предизвикување општа опасност со тоа што подметнал пожар на влез во куќа во Катланово и стан во Скопје, сопственост на негова поранешна сопруга на која претходно и се заканувал. За него е побаран притвор поради тоа што, како што велат од Републичкото јавно обвинителство, околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство.
Ова следи откако беа запалени станот и куќата на покојниот новинар Зоран Василевски-Фаци.
-Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, на 2 мај во утринските часови, во викенд – куќа во селото Катланово и во стан во зграда во Скопје, кои се во сопственост на неговата сопруга со која биле разделени и со која водел бракоразводна постапка, со пожар предизвикал значителна опасност за животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради неговото сторување може да настапи штетната последица, се согласил со нејзиното настапување и откако еден ден претходно телефонски се заканувал на оштетената и на нивниот син, на критичниот ден со бензин предизвикал пожар најпрво пред влезната врата на викенд-куќата, се вели во денешното соопштение од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Пожарот се проширил и во внатрешноста на куќата, а потоа осомничениот се упатил кон Скопје и на сличен начин предизвикал пожар пред влезната врата на станот. Откако ги сторил делата, ја известил оштетената дека ги опожарил двата објекти. Таа јавила на соседи во зградата кои почнале веднаш да го гасат и спречиле пожарот да се прошири кон другите станови од зградата.
Ценејќи дека околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Левица соопшти дека нема да го поддржи предложениот Закон за енергетика

Политичката партија Левица соопшти дека нема да го поддржи предложениот Закон за енергетика, оценувајќи дека тој претставува уште еден чекор кон целосна либерализација на стратешкиот енергетски сектор, со што, според нив, државата се откажува од клучната улога во заштита на јавниот интерес.
„Со овој Предлог-закон се продлабочува процесот на либерализација на пазарот, а државата јасно покажува дека нема ниту намера, ниту план да ги национализира енергетските капацитети и да ги стави во служба на народот“, стои во соопштението на партијата.
Левица предупредува дека отворањето на пазарот за странски и домашни приватни оператори, мотивирани исклучиво од профит, ќе резултира со повисоки цени за граѓаните, поголеми социјални разлики и намалување на квалитетот на услугите. Според партијата, искуствата од други земји потврдуваат дека ваквиот тренд води кон енормно поскапување на струјата и ослабување на социјалната правда.
Во насока на ублажување на, како што ги нарекуваат, најштетните аспекти од предложениот закон, Левица поднела сет амандмани.
Тие се насочени кон зголемување на транспарентноста и контролата врз Регулаторната комисија за енергетика, подобра заштита на потрошувачите при мерење, фактурирање и наплата и воведување на реални и ефективни санкции за прекршувачите.
Меѓу главните слабости на законот, Левица ги посочува и недостигот на механизми за надзор и разрешување на Регулаторната комисија, можноста за издавање сметки со непроверени податоци и ниските казни кои, според нив, го стимулираат непочитувањето на законските обврски.
Партијата бара од Собранието да ја врати државната контрола врз енергетскиот сектор, да обезбеди фер и транспарентно функционирање и да ги заштити граѓаните од економскиот удар на приватизацијата.
„Ќе продолжиме доследно да се спротивставуваме на секој обид за приватизација на јавните добра, либерализација на стратешките сектори и уривање на државниот суверенитет“, порачуваат од Левица.
Македонија
АВМУ: Слободата на медиумите значи право на новинарите да истражуваат и информираат без какви било притисоци

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во контекст на денешното глобално одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите, кој годинава е посветен на длабокото влијание на вештачката интелигенција врз новинарството и медиумите, во денешното соопштение потсетува дека само професионални и независни медиуми можат да придонесат за одржлив општествен и демократски развој во ерата на брзи технолошки промени.
-Слобода на медиумите значи право на новинарите да истражуваат и информираат без какви било притисоци. Но со развојот на вештачката интелигенција оваа слобода добива ново значење и се соочува со нови предизвици, велат од АВМУ.
Вештачката интелигенција, како што посочуваат во соопштението, отвора нови можности за унапредување на истражувачкото новинарство, автоматизација на создавањето содржини и забрзана проверка на факти, но носи и значајни ризици во поглед на генерирање дезинформации, лажни вести и манипулативни видеа.
-Вештачката интелигенција претставува вреден ресурс во новинарската практика, но таа не смее да биде целосна замена за темелната проверка, критичкото размислување и објективноста. Во оваа нова реалност, од суштинско значење е медиумите внимателно и одговорно да ги користат овие алатки, придржувајќи се до највисоките етички и професионални стандарди во своето работење, се наведува во соопштението од АВМУ.