Македонија
(Видео) Пандаровски: Не смееме да дозволиме шарлатани и надрилекари да доминираат пред науката во борбата против Ковид-19
„Пандемијата требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас. Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и исфрли на површина институционални слабости, што сè заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија“, рече во своето годишно обраќање претседателот Стево Пендаровски, одавајќи им почит со едноминутен молк на 2.169 сограѓани кои, за жал, ја загубија битката со вирусот. Тој им изрази благодарност на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои беа и сè уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.
„Тие се вистинските херои на оваа 2020, која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност, и кои секојдневно на дело покажуваат дека хуманоста и солидарноста не се заборавени категории и дека децениите на тешко живеење и години на мачна транзиција не нè обесчовечија, за да заборавиме на страдањата на другите“, рече претседателот.
Тој потсети дека државата речиси девет месеци остана без функционално Собрание и мораше за првпат од нашата независност да биде воведена вонредна состојба за да се овозможи системот да функционира, економијата да преживее, а Владата да има поширок правен простор да им помогне на граѓаните и на стопанските субјекти кои беа најтешко погодени.
„Сите ги паметиме мачните сцени, дури и во некои од најмоќните држави на светот, каде што луѓето чекаа пред вратите во болниците во кои немаше слободен кревет. Пандемијата изврши огромен притисок врз нашиот здравствен систем, но секоја објективна анализа ќе покаже дека државата, генерално, ја менаџираше состојбата на пандемијата на рационален начин со планска дистрибуција на ограничените ресурси кои ни се на располагање, со што избегнавме колапс, што веројатно ќе значеше поголем број на жртви и заболени.
Неколку пати го свикував и Советот за безбедност за да договориме подобра координација меѓу институциите и имплементација на неопходните мерки, а ја вклучив и Армијата во поддршка на здравствениот сектор и полицијата и за време на вонредната состојба и за време на кризните состојби прогласувани на општинско и на државно ниво. Децениско пропаѓање на здравствениот систем лесно можеше да придонесе за уште полоши резултати, ако не беше деноноќниот ангажман на здравствените работници, војската, полицијата и на илјадниците волонтери“, оцени претседателот.
Според него, најважна задача што нè очекува како држава, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата е да направиме длабинска анализа за функционирање на нашиот правен, политички и економски поредок во изминатава година, да извлечеме поуки и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија, затоа што никој не знае дали некоја нова пандемија не нè чека веќе на следиот свиок на историјата.
Тој најави дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата која треба да даде придонес за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент. „Притоа, единствената наша цел треба да биде да ги додефинираме правните основи за подобра координација меѓу институциите во кризни времиња, поголема транспарентност во нивната работа и подобри механизми за контрола како брана против евентуалните злоупотреби од страна на власта“, вели тој.
Пендаровски оенува дека ограничувањето на човековите права и слободи, а особено ограничувањето на движењето и на социјалните контакти меѓу луѓето, што беше изнудена мерка, имаа и значаен негативен психолошки ефект врз граѓаните.
„Имам чувство дека во такви услови кога наша примарна задача беше борбата со вирусот, не само овде и не само ние, недоволно внимание посветивме на ранливоста на граѓаните кон пропагандата, дезинформациите и лажните вести во оваа посебна општествена состојба.
Справувањето со здравствената криза е сериозен предизвик, но избегнувањето на долгорочните негативни последици од недовербата на граѓаните во институциите, но и во науката и струката, која се интензивираше во време на пандемијата, е не помал предизвик. Она што сигурно нè очекува е нов бран на негативни кампањи кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење теории на заговор на социјалните мрежи. Затоа, кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме во 21 век за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи“, истакна тој осврнувајќи се на пандемијата во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

