Македонија
(Видео) Пендаровски: Време е ЕУ-интеграцијата на земјите од Западен Балкан да ја препознае како главна стратешка и геополитичка одлука
Европскиот проект нема да биде целосен доколку земјите од Западен Балкан не се интегрираат целосно во Европската Унија, нагласи претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање на самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на влијателниот тинк тенк „Пријатели на Европа“.
Говорејќи на сесијата „Поддршка на регионализацијата: Мост кон силна и стабилна демократија“, претседателот Пендаровски истакна дека е време за нов пристап којшто ќе ја препознае интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија како главна стратешка и геополитичка одлука, а не како техничко прашање.
„Стабилноста и безбедноста на регионот, како и неговиот демократски развој, се потпираат на европската перспектива. Создавањето вакуум во интеграцијата на регионот може да биде искористено од други надворешни сили. Земјите членки на ЕУ имаат историска шанса да дадат придонес кон европската стабилност и просперитет“, нагласи Пендаровски.
Со усвојувањето на новата методологија за водење на пристапниот процес, како што додаде претседателот Пендаровски, земјите од Западен Балкан треба да исполнат јасни критериуми, меѓу коишто се владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и високата корупција, доколку сакаат напредок во интегративниот процес.
Важна област, според претседателот Пендаровски, е демократскиот развој, којшто, според него, е под притисок на популистички движења и загрозен е од проблемите со владеењето на правото, нефункционални институции и ниската доверба во нив, како и скромниот социо-економски развој, којшто, пак, е меѓу главните причини за зголемена миграција, особено меѓу младите.
Според претседателот Пендаровски, регионалната економска интеграција може да биде од корист за интегративниот процес, имајќи предвид дека економскиот развој е еден од главните предуслови за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Сите иницијативи коишто се во функција на интеграција во единствениот европски пазар се повеќе од добредојдени, рече претседателот Пендаровски и додаде дека секоја економска иницијатива би била нецелосна доколку не биде поткрепена и со напредок во интеграција кон Европската Унија.
Одговарајќи на прашањата на учесниците на самитот претседателот Пендаровски подвлече дека деновиве би сакал да слушне дека ќе се случи првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ , бидејќи како што рече, „освен членството во Унијата, за нашата земја нема друга алтернатива“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

