Македонија
(Видео) Пендаровски: Гасниот интерконектор Грција – Бугарија се случува во клучен момент
Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Софија, Бугарија, се обрати на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција-Бугарија.
Пендаровски оцени дека ова е значаен настан бидејќи се случува во клучен момент, кога нашиот регион и континентот се соочува со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и преголема невработеност.
„Интерконекторот отвора нова, сигурна порта за диверзифициран природен гас, не само за земјите домаќини, туку, во крајна линија, и за Југоисточна Европа“, рече претседателот Пендаровски, упатувајќи честити на Азербејџан за, како што рече, конструктивната улога во текот на целиот потфат и ја поздрави подготвеноста на Грција и на Бугарија за проширување на енергетската инфраструктура во нашиот регион.
„Јасно е дека колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока“, рече претседателот Пендаровски.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски посочи на потребата и од поголема европска солидарност, нагласувајќи дека паневропската солидарност на дело може да ги ублажи ефектите од акумулираниот евроскептицизам, што според него, е нуспроизвод на долготрајната европска интеграција.
„Нашите граѓани очекуваат помалку реторика и поконкретна поддршка. Во вакви околности, најдобриот начин за ублажување на негативните последици врз нашите економии е Европската Унија да го одобри нашето пристапување во нејзините механизми, фондови и инструменти за управување со кризи“, рече претседателот Пендаровски.
„Ако нашата иднина е во Обединета Европа, цела и слободна, како што е кажано многу пати, време е да се намали меѓу-државната конкуренција, да се погледне малку подалеку од тесните национални интереси и да се зајакне солидарноста и соработката како единствен излез од оваа невидена глобална ситуација со која се соочуваме“, рече претседателот Пендаровски на церемонијата во Националната палата на културата во Софија.
На настанот, покрај домаќинот, претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, присуствуваа и Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската Комисија, Илхам Алијев, претседател на Република Азербејџан, Киријакос Мицотакис, премиер на Хеленската Република, Николае-Ионел Чука, премиер на Романија и Александар Вучиќ, претседател на Република Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Управен оформи предмети за седумте тужби на „Европскиот фронт“ против решенијата на ДИК
Управниот суд оформи седум предмети за поднесените тужби од „Европскиот фронт“, кои се против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за одбивање на приговорите за парламентарните избори.
„Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот законик“, се вели во соопштението.
- Решение бр.УП1 бр.10-21/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.87/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-21/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.88/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-15/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.89/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.90/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.91/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-6 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.92/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-19/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.93/2
Попладнево Управниот суд одржа јавна седница по тужбата на „Вреди“. Судот одлучи дека постапката се прекинува откако претставникот на коалицијата изјави дека тужбата ја повлекува во целост.
Македонија
Мицкоски: Главен предизвик ќе бидат реформите во Судскиoт совет и Советот на јавни обвинители
Главен предизвик ќе бидат реформите во Судски совет и Советот за јавни обвинители. Наша цел е да ги распуштиме овие кои довербата во правниот систем ја сведоа на едноцифрена бројка проценти, и наместо нив самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање на Самитот Македонија 2025.
Мицкоски потенцираше дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот, нити има намера да се мешаме, во овие две тела.
– Исто така наша обврска ќе биде да обезбедиме независен буџет, врзан со проценти од централниот за да бидат целосно автономни, за да не бидат потоа политичарите изговор на некој од тие корумпирани поединци во судство и обвинителство дека тие им правеле притисок. Сами да се изберат и сами да функционираат, а ние ќе правиме оверсајт на таа работа преку собраниска комисија во која ќе има претставници и на власта и на опозицијата, истакна Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека целта е комплетна автономија во правниот систем.
Но ако забележиме било какво влијание од поранешни политички елити или други точки на влијание ќе има сериозна кривична одговорност. Немаме намера ниту милиметар да отстапиме, изјави Мицкоски.
Македонија
Џафери: Управнот суд и институциите да ја заштитат кредибилноста на изборите
Премиерот Талат Џафери од ДУИ, од прес-конференција во Владата се осврна на изборниот процес, и ги повика институциите да ја штитат кредибилноста.
Тој рече дека како премиер, одговорен за успешноста на изборите, добил извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инженеринг со вон-институционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во Државната изборна комисија во врска со симптоматичните приговори поднесените од страна на учесниците во изборите.
Според извештаите, овие претензии за изборен инженеринг имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собрание преку политички договор на маса.
„Кредибилност на изборите и на демократскиот процес, прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница, сега е во рацете на Управниот суд и јас ги поканувам сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било страна, и да го штитат кредибилитетот на изборниот процес докрај, без да фрлат дамка врз волјата на граѓаните изразена на изборите“, порача Џафери.