Македонија
(Видео) Пендаровски од Битола: Референдумот на 30 септември има иста историска тежина како оној од 1991 година
Како дел од караванот на коалицијата „Заедно за европска Македонија“, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, беше во посета на Битола, каде што се сретна со граѓани и учествуваше на отворена граѓанска трибина.
На средбите со граѓаните беа претставени придобивките од членството во НАТО и ЕУ, притоа осврнувајќи се особено на економските бенефити што ќе ги има Македонија како дел од најголемиот пазар во Европа од 500 милиони жители.
На граѓанската трибина што се одржа во Домот на културата, Пендаровски зборуваше за историската шанса за целосна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, што е остварување на децениските државни и национални интереси.
„Референдумот на 30 септември е со идентична важност и еднаква историска тежина како референдумот за независност од 8 септември 1991 година. Ако тогаш гласавме масовно над 90 отсто да имаме држава, сега на овој 30 септември ќе излеземе, ќе гласаме ЗА интеграција во ЕУ и НАТО и за навек да ја утврдиме македонската државност во целиот свет“, порача Пендаровски.
Националниот координатор за НАТО истакна дека со постигнатиот договор се зајакнува македонскиот идентитет и се гарантира македонската посебност и порача дека во вакви клучни моменти за државата секој поединец има лична одговорност за иднината.
Во своето излагање, Пендаровски ги повика граѓаните активно да учествуваат во градењето на иднината, да излезат на референдумот и да гласаат ЗА договорот што обезбедува интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, со заштитен и загарантиран македонски идентитет.
„Да ја завршиме нашата работа, да влеземе во најмоќната безбедносна коалиција НАТО, да ги отвориме вратите за друштвото на најбогатите држави кои се дел од ЕУ. Да влеземе на пазар од 500 милиони потрошувачи и на 30 септември сите ние да гласаме ЗА Европска Македонија“ ,порача Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична против поранешен директор, заменик директор и вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство за „проневера во службата“
СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против З.А., поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 став 1 од КЗ, Ф.М., поранешен заменик директор во агенцијата поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 во врска со член 24 од КЗ „помагање“ и против Л.У., А.Р., Е.Т., А.Б. и А.Б., вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 во врска со член 24 од КЗ „помагање“.
З.А. во својство на директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, во периодот од 2017 до 2020 година, во повеќе наврати, со намера противправно да прибави за себе парични средства кои му биле доверени во службата, за службени патувања во странство на кои истиот присуствувал, примал дневници во висина од 50%, иако согласно Уредба за изменување на Уредбата за издатоците на службени патувања и службени патувања во странство требало да прима само 20%, бидејќи трошоците за сместување и исхрана не паѓале на товар на институцијата.
Ф.М. во својство на заменик директор на Агенцијата за храна и ветеринарство со потпишување на решенијата за одобрување на службени патувања во странство му помогнал на З.А. противправно да ги присвои парите, а Л.А., А.Р. и Е.Т. во повеќе наврати, спротивно на наведената Уредба, изготвиле решенија за одобрување на службено патување во странство на име на З.А., врз основа на кои решенија А.Б. и А.Б. одобриле исплаќање на паричните средства врз основа на претходно изготвените решенија, иако знаеле и биле свесни дека решенијата не се донесени согласно уредбата, постапиле по решенијата и му ги исплатиле парите, со што му помогнале на З.А. да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 62.530 денари, а на штета на буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Сопиште и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07:30 до 15:00 часот, корисниците на блокот на згради од булеварот Партизански Одреди бр.17 кон улица Максим Горки, општина Центар.
· во периодот од 07:45 до 15:30 часот, корисниците на селата Јаболци, Ново Брезница, Патишка Река, Држилово, Малчиште, Црн Врв, Елово, Осинчани, Карст с.Јаболци Викендици Држилово, Сателитски Центар, Ново Брезница, Рудпроект, Јаболци, Патишка Река, општина Сопиште.
· во периодот од 08:30 до 10:30 часот, корисниците на улицата Тале Христов, Поликлиника ВФВ и Објектите околу ВРВ Поликлиник, општина Бутел.
· во периодот од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците на улицата Елисие Поповски – Марко бр.21,47 и други корисници во непосредна близина, општина Центар.
Македонија
Делови од Центар и Аеродром денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
– поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на улицата Франклин Рузвелт бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, односно потегот од Орце Николов до Благој Давков, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.
– поради промена на вентил во шахта ф-2“ на улицата Венијамин Мачуковски бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

