Македонија
(Видео) Петровска: И сопругот на Данела Арсовска има бугарска лична карта
СДСМ објави дека и сопругот на кандидатката за градоначалничка на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, има бугарска лична карта.
„Денеска објавуваме нови докази поврзани со овој скандал, со овој сплет на лаги на Арсовска кој целосно е демаскиран. Не само Арсовска, целото нејзино семејство има бугарско државјанство. Ова е удостоверението на Ангел Арсовски, сопруг на Арсовска, издадено 2010 година. Идентично исто како и Арсовска, и Арсовски има бугарска лична карта. Со име и презиме, со номер, со гражданство“, изјави пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ.
Според неа, бугарската лична карта на Ангел Арсовски е издадена еден месец пред бугарската лична карта на Данела, односно на трети април 2017 година и сè уште е важечка.
Петровска изјави дека валидноста, односно веродостојноста на документите кои ги објавуваат може да се потврдат преку официјалната интернет-страница на Министерството за внатрешни работи на Бугарија.
„Со внесување датум на раѓање и број на документ, во овој случај двете лични карти, има официјална потврда за нивната валидноста“, рече таа.
Петровска ја обвини Арсовска дека со лаги ја започнала кандидатурата и со лаги ја завршува.
„Ги излажавте скопјани, не сте независна, целото режимско ВМРО-ДПМНЕ стои зад вас. Очигледно Данела Арсовска долго време има длабоки врски со други држави, Унгарија и Бугарија. Неискреноста на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, со нејзиното лажење на граѓаните отвора и други многу сериозни прашања. За чии интереси работи Данела Арсовска? Арсовска е зависна од други држави, за мотиви за кои треба таа лично самата да ги соопшти на граѓаните“, рече Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова: Времето на жените доаѓа, срамота е што 30 години сме немале жена претседателка или премиерка
Во рамките на активностите на кандидатката за претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, таа се обрати на трибината на тема „Жени“ која се одржа во Јавна соба.
„Во мојата програма има посебен дел посветен на жените. Подолго светот живеел како патријархат отколку матријархат. Повеќе жени во политика, повеќе гаранции за помалку насилство. Срамота е 30 години да не сме имале жена претседателка, жена премиерка. Да им ставиме крај на Венецијанските трговци“, порача Давкова.
Како што додаде, жените имаат што да покажат, имаат вулканска сила и мажите треба да се инспирираат од нив.
„Времето на жените доаѓа. Сега е време за машка еманципација. Македонија е во женски род, политиката е во женски род. Женскоста е квалитет неискористен. Промените наскоро доаѓаат“, рече Давкова на трибината.
Македонија
Оштетени билборди и рекламни паноа на политичка партија во Тетово
Вчера на улицата ,,Киро Ристовски-Дрнц” и на улица „Маршал Тито” во Тетово биле оштетени билборди и рекламни паноа од парламентарните избори од една политичка партија.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, објави МВР.
Македонија
Демократски сојуз предлага платите на полицајците да бидат колку оние на обвинителите и судиите
Демократски сојуз на сите полицајци и припадници на службите за безбедност, им го честита 7 Мај, ДЕНОТ НА ПОЛИЦИЈАТА и им посакува успешно извршување на сложените безбедносни задачи.
Празникот се совпаѓа и со изборите за претседател на државата и за пратеници, каде за жал, како што велат од патијата, улогата на полицијата е клучна за обезбедување стабилност и услови за мирни и фер избори.
„Овие денови се клучни за да спречите нерегуларности, притисоци, купување на гласови, организирање на „Бугарски воз“ или нарушување на изборниот процес на кој било начин (насилство итн). Инаку полицијата и службите за безбедност извршуваат тешки, одговорни и сложени безбедносни задачи, но последните години се со ниски примања. Така, главен оперативец задолжен за спречување и откривање на тешки кривични дела прима плата од околу 45 илјади денари, а јавен обвинител околу 130 илјади денари“, додаваат од партијата на Павле Трајанов.
Предлагаат двојно зголемување на платите на полицијата и нивно усогласување со платите на обвинителите и судиите.