Македонија
(Видео) Петровска: Мицкоски да излезе и да одговори за скандалот во Германија, со кој се поврзува и ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот од германската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), Тобијас Цех, поднесе оставка откако угледни германски медиуми објавија дека од ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски наплатил речиси 50.000 евра за консултантски услуги, рече на денешната прес-конференција, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.
„Скандалот се поврзува со 2016 и 2017 година, време во кое советник и близок соработник на Никола Груевски му беше Христијан Мицкоски, потоа назначен и за генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. По оставката на пратеникот Цех од Германија, Мицкоски мора да излезе пред јавноста и да даде одговори: Од каде се овие огормни суми и на кој начин биле исплатени? Дали затоа финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ не се достапни на нивната веб-страница? Каква била улогата на Мицкоски, прво, како генерален секретар, а потоа и како претседател на ВМРО-ДПМНЕ во дубиозното финансиско работење на неговата партија“, запраша Петровска, која додаде дека овој, како што рече, скандал заслужува и институционално внимание од наделжните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

