Македонија
(Видео) Петрушевски: Николовски и Рашковски се луксузираат во Дубаи и Мексико додека во државата владее општа мизерија

Насекаде владее општа мизерија поради власта, која е неспособна, а Љупчо Николовски и Драги Рашковски баш во овој момент решија да се почестат со одмори во Дубаи и Мексико, кои чинат десетици илјади евра, рече на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Ова се луѓе одлепени од реалноста и забегани од криминалот. Од тоа што може да се види на интернет-страниците, одмор во Дубаи чини околу 10.000 евра, односно 600.000 денари, тоа е колку годишните примања на една цела фамилија, од тие пари тие плаќаат сметки, живеат, школуваат деца, па можеби и одат на одмор, ама не во Дубаи како Љупчо-путерот“, нагласи Петрушевски.
Според него, Рашковски во поглед на раскош и гламур го надминал Николовски, а како што рече, тоа се гледа од интернет-страниците на туристичките агенции, каде што одмор во Мексико во овој период од годината, со хотелско сместување и авионски билети, чини некаде околу 20.000 евра.
„Само одморот на Рашковски чини колку 200 ваучери за туризам или 200 одмори на просечниот Македонец. Двајцата врвни луѓе на Заев за одмор трошат буквално колку еден стан“, нагласи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој побара итни оставки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди

Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со услови за појава на утринска магла по котлините. Локални врнежи од дожд ќе има од четврток, а поради продор на постудена воздушна маса од север во недела на планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Без вода дел од „Киро Глигоров“, „Индустриска“ и околните објекти

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради изведување на водоводен приклучок од Ф500мм на ул.7,2 во Јазол 1 на булевар Киро Глигоров бб, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од булевар Киро Глигоров и Индустриска и околните објекти (ф-ми МЕРЦЕДЕС, СЛАВИЈА, ФОН факултетот и др.)
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување.
Македонија
Без струја дел од Кисела Вода и Ѓорче Петров

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· Во периодот од 08:00 до 13:00 часот, корисниците од улицата Димо Хаџи Димов – зграда број 105А и зграда број 116 во општина Кисела Вода;
· Во периодот од 09.00 до 15.37 часот, дел од корисниците во Волково улица 101, 102, 103, општина Ѓорче Петров.