Македонија
(Видео) Попова: Власта итно да ги поправи мерните станици за воздухот
Воздухот во Скопје станува сè позагаден, светските медиуми известуваат за Скопје и Македонија како подрачје каде што загаденоста на воздухот е најголема во Европа. Петре Шилегов, кој година дена е градоначалник, нема преземено ништо во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, изјави денеска Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ, од пред просториите на Град Скопје.
„Подолг период не функционираат мерните станици во Гази Баба и Лисиче, а мерната станица во Ѓорче беше изгасена откако покажа енормно ниво на загаденост. Власта наоѓа пари за луксузирање, скапи цвеќиња, кафе и лубриканти, но нема пари кога станува збор за поправка на мерните станици. Шилегов и Министерството за животна средина да не наоѓаат изговори и во најбрз можен рок да извршат сервисирање и поправка на расипаните мерни станици. Обврска на власта, а право на граѓаните е да знаат за квалитетот на воздухот кој го дишаат“, рече Попова.
Таа додаде дека граѓаните не смеат да бидат држени во незнаење и мрак во однос на животната средина и воздухот кој го вдишуваат, а СДСМ не смее да си поигрува со здравјето на граѓаните.
„Шилегов и СДСМ ги изманипулираа граѓаните, едно од главните предизборни ветувања на градоначалникот беше чист воздух и чиста животна средина. На страница 7 од програмата на Петре Шилегов за локалните избори која ја нарекоа ‘живот за сите’, напишаа: ‘Наш приоритет е подобрувањето на квалитетот на воздухот, а со самото тоа и квалитетот на животот за сите. Во градот ги носиме најреволуционерните патенти за прочистување на воздухот на денешнината, применети во најзагадените градови во светот, каков што е, на пример, градот Пекинг.’ Една година подоцна ништо од почистиот воздух и ништо од револуционерните решенија“, рече Попова.
Таа додаде СДСМ и Шилегов ги излажале скопјани за најчувствителното прашање, па затоа градоначалникот треба да си замине од функцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

