Македонија
(Видео) Попов: Кога мислиме дека дното е достигнато, владината коалиција не потсетува дека можеме уште подолу
„Ако сакате да уништите една нација и да се осигурите дека државата ќе оди во погрешна насока, почнете со уништување на образованието. Оваа изрека идеално ја опишува ситуацијата во која ние младите сме затекнати во времето на владеењето на ДУИ и СДС“, рече Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„И кога мислиме дека дното е достигнато, владината коалиција нè потсетува дека можеме уште подолу и уште полошо. Падот во животниот стандард, падот во инвестициите во образованието и науката, мизерната состојба и третирањето на студентите како маргинализирана група кулминира со тоа најголемиот државен универзитет оваа година воопшто да не се најде на Шангајската листа.
УКИМ не се најде на Шангајската листа не поради недостиг на перспективни кадри или недоволна мотивација кај управата, професорите и студентите, туку бидејќи приоритетите на владината коалиција се насочени кон провизии, матни зделки и немање грижа за иднината на Македонија“, изјави Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека инвестициите од буџетот за наука изнесуваат срамни 0,3 %, владината коалиција избра платите на министрите да ги зголеми 78 % отсто. Додека власта се обидува да протурка решение со кое студентот треба да преживува со мизерни 140 денари на ден, новите објекти на ФИНКИ и ФФК се оставени да скапуваат, а средствата ги пренасочи кон задоволување на бизнис-интересите на своите партнери од ДУИ.
Од ден на ден на граѓаните во Македонија сè повеќе им станува јасно дека потфрлувањата на Владата не се изолирани инциденти, туку целокупен крах и пропаст на системот, бавно движење кон состојба што може да биде кобна и безизлезна. Директна одговорност за нашите сограѓани, кои гореа живи, мизерната состојба со пензиите, платите и можностите за бизнис и вработување, очигледно се втемелени во идеолошката матрица на коалицијата што ја опустоши Македонија.
Едно е јасно – брзи промени мора да има доколку сакаме пристоен животен стандард, доколку сакаме просперитетна Македонија, која ќе се грижи за секој граѓанин, а преку инвестиции во образовната инфраструктура и науката ќе се погрижи оваа држава да има младина што својата иднина ќе ја гледа во достојна и праведна држава“, додаде Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Предложен притвор за дилер на хероин
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 19 јануари, на наплатната станица Петровец, како сопатник во автомобил со кавадаречки регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел околу 10 грама хероин.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и можности повторно да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопшти обвинителството.
Македонија
Минчев-Зомер: во фокусот професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и беше потенцирана подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување, особено во областа на реформата на јавната администрација, која претставува еден од клучните приоритети на Владата. Во тој контекст, беше нагласена важноста од добро управување, професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во развојот на системи за обука, задржување и мотивирање на кадарот, како и унапредување на услугите ориентирани кон граѓаните.
Во рамките на средбата, Швајцарија беше препознаена како партнер со значајна експертиза во областа на добро управување, институционално јакнење и развој на одржливи модели за стручно усовршување, вклучително и преку дигитални и хибридни решенија за обука, при што беше изразен интерес за истражување на можностите за соработка во рамките на Swiss Cooperation Programme – Good Governance.
Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Швајцарската Конфедерација претставува значајна поддршка за реформските процеси.
„Реформата на јавната администрација е темел на ефикасна, професионална и граѓански ориентирана држава. Швајцарија ја гледаме како исклучително важен партнер, од кој можеме да црпиме знаење, искуство и добри практики во насока на јакнење на институциите и подобрување на јавните услуги“, истакна Минчев.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и конкретизирање на идни заеднички активности во согласност со приоритетите на реформата на јавната администрација.
Македонија
Муцунски утре во Истанбул: ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од министерот Фидан во 2025 година, со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилност и благосостојба, преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамки на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул.
Муцунски ќе се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено министерот Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

