Македонија
(Видео) После 40 години Кавадарци добива нова градинка
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на официјалното отворање на новата градинка „Сонце“ во Кавадарци.
Градинката има услови да згрижи 142 деца од предучилишна возраст, распоредени во седум групи.
„Децата од Кавадарци за првпат после 40 години, добиваат целосно нова детска градинка којашто целосно е финансирана од Министерството за труд и социјална политика, во склоп на Проектот за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Светска банка, во вредност од 57,4 милиони денари“, нагласи министерката.
Шахпаска додаде дека градинката е изградена согласно најсовремените стандарди за енергетска ефикасност и ќе користи и обновливи извори на енергија преку системот на сончеви колектори.
Според градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, овој проект е од големо значење за општината бидејќи е реализиран според високите стандарди за ран детски развој и е една од најубавите и најсовремените градинки во земјата.

„Покрај големиот бенефит за дечињата, градинката ќе овозможи нови вработувања на воспитувачи и негуватели, односно цел персонал кој ќе се грижи за дечињата и за нивниот развој“, истакна Јанчев.
Градинката во Кавадарци е една од 10-те целосно нови градинки чија изградба е финансирана од проектот за подобрување на социјалните услуги. Како дел од проектот во тек е реконструкција, надградба и адаптација на уште 3 градинки, а 4 се веќе целосно завршени.
За 16 месеци, ова е 16. градинка отворена од страна на Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Владата и во соработка со општините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.

