Македонија
(Видео) Почнува изградбата на нова градинка во Прилеп
Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска го означи почетокот на работите на нова градинка во Прилеп, во населбата Точила, како прв ваков објект по 40 години.
Заев во својата изјава за медиумите истакна дека особено важна карактеристика на овој проект е што ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со А+ енергетска класа.
„Иновативноста на проектот оди уште чекор понатаму и предвидува покрив како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20 % помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на објектот. Дополнително, на покривната тераса се наоѓа фотоволтаична постројка со капацитет од 20 kW за производство на струја, која ќе се користи за потребите на самата градинка, со што се создаваат услови за значителна финансиска заштеда“, нагласи премиерот Заев.
Заев уште додаде дека во објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарна мрежа за гас.
„Ова го нагласувам и поради фактот што децата во оваа градинка ќе ги добијат и првите лекции и ќе бидат на тој начин воспитувани за придобивките на зелените политики преку примерот на нивната градинка. Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата, но и на локалните самоуправи. Во текот на оваа година ќе бидат довршени уште 13 градинки, а во постапка е изготвување на програмата за почнување проекти за изградба на нови објекти за згрижување деца“, потенцира премиерот Заев во изјавата за медиумите по повод почетокот на работите на новата градинка во Прилеп.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, изјави дека навистина радува фактот што по 40 години, во Прилеп се гради нова градинка и дека градењето нови и проширувањето на другите градинки е еден од приоритетите на Владата и на Министерството за труд и социјална политика.
„Покрај изградбата и проширување на капацитетите, вложуваме и во зајакнувањето на компетенциите на стручниот кадар, кој треба да биде подготвен да одговори на сите предизвици. Денешниот настан е уште еден позитивен пример за одличната соработка меѓу локалната и централната власт“, истакна министерката Шахпаска.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, го потенцира фактот дека новата градинка е целосно финансирана од страна на Општината за што се издвоени 133 милиони денари.
„Со гордост можам да истакнам дека за седум месеци од денеска, колку што е и предвидено да трае изградбата на објектот, Прилеп ќе добие нова, современа и европска детска градинка, една од најубавите во државата“, соопшти градоначалникот Јованоски на настанот по повод почетокот на работите на новата градинка во Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

