Македонија
(Видео) По претставката на родителите на загинатите деца во Кочани, Апасиев закажа анкетна комисија на 9 декември
Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција соопшти дека закажува редовна седница по поднесената претставка од здружението „16 Март“ – здружението на родителите на загинатите деца од Кочани. Седницата ќе се одржи на 9 декември 2025 година со цел да не се преклопи со судските рочишта и поради симболичната поврзаност со 10 Декември – Светскиот ден на човековите слободи и права.
На седницата се поканети сите членови и заменици на Комисијата, претседателот и потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на државата, како и подносителите на претставката, кои ќе имаат право на обраќање.
Апасиев нагласи дека ова не е ниту надзорна ниту јавна расправа, туку редовна седница, што Комисијата ја одржува кога постапува по претставки на граѓани – пракса што и претходно постоела во парламентот. Тој потсети дека постоеле три неуспешни обиди оваа точка да се стави на дневен ред поради што е поведена и управна постапка против претседателот на Собранието.
Во однос на паралелните иницијативи за анкетни комисии од власта и опозицијата, Апасиев објасни дека тие се ад хок тела со ограничен рок и квазиистражни функции, а Постојаната комисија има континуитет и редовни обврски.
Во делот на новинарските прашања, тој истакна дека клучната цел е, конечно, родителите да добијат институционална можност да се обратат во Собранието – нешто што со месеци им било блокирано.
Очекувањата од седницата се да се отвори плодна дискусија и да се понудат заклучоци со конкретни законски измени, кои ќе адресираат системски пропусти и ќе лоцираат политичка одговорност.
Се додава дека правната постапка продолжува во судот и парламентот во неа не може да се меша, но има обврска да ги утврди политичката страна на одговорноста и институционалните пропусти што доведоа до трагедијата во Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

