Македонија
(Видео) По тротинети ќе се изнајмуваат и електрични автомобили
Министерството за енергетика рударство и минерални суровини и министерството животна средина и просторно планирање, денес објавија чекор напред кон одржлива и зелена иднина со поддршка и потпишување на писмо со намери со реномираната компанија ‘Avant Car’ која го реализира првиот проект за 100% електричен кар-шеринг во Скопје
Преку овој проект, граѓаните ќе имаат пристап до модерен, економичен и еколошки транспорт кој е дизајниран да го намали сообраќајниот метеж, загадувањето и зависноста од фосилни горива. Министерството за енергетика ја истакна важноста на поставување полначи за електрични возила кои ќе користат 100% обновлива енергија, додека Министерството за животна средина потенцираше дека проектот ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот преку значително намалување на CO₂ емисиите.
„ Денес го поставуваме Скопје на мапата на модерните градови кои не само што зборуваат за одржливост, туку и преземаат храбри чекори кон неа. Гужвите, загадувањето и зависноста од фосилни горива не се нешта со кои треба да се помириме. јавните институции и приватниот сектор можат заедно да создаваат проекти кои директно ја подобруваат секојдневната реалност на нашите граѓани. Електричниот ‘car sharing’ систем е и пример за тоа како технологијата може да биде на услуга на луѓето и планетата. Со вакви иницијативи, не само што го подобруваме квалитетот на живот, туку и градиме доверба кај приватниот сектор дека вреди да се инвестира тука“ изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
„ Нашиот град долго време се соочува со последиците од урбаното загадување. Целта е на овој начин директно да влијаеме и да ги намалуваме емисиите на CO₂ и загадувањето, што е наш приоритет како министерство. Граѓаните ќе имаат можност за поекономичен транспорт, без компромиси за животната средина. Како Министерство за животна средина, нашата задача е да ги поддржиме ваквите иновативни решенија кои имаат директен и позитивен ефект врз животната средина. Овој проект е доказ дека е можно преку јавна поддршка и приватна иницијатива да создадеме поздрави урбани средини.“ изјави Првиот Вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
„Со воведување и имплементација на Систем за споделување на автомобили со 100% електрични возила под името на брендот „Avant2Go“ во Словенија, Хрватска и Австрија аа сега и во Македонија, делуваме како пионер за широко распространето спроведување на електричната мобилност и имплементирање на инфраструктурата за електрични возила, поттикнување на користење и споделување на електрични возила, рече Матеј Чер од групацијата Авант Кар
Реализацијата на проектот е предвидена да започне со обезбедување на јавни и приватни паркинг простори и поставување на соодветна инфраструктура за полнење во неколку скопски општини. На потпишувањето беа присутни и градоначалниците и претставниците на Аеродром, Чаир и Гази Баба. Паралелно, ќе се организираат активности за едукација на јавноста и промоција на придобивките од овој иновативен систем.
Avant car во Македонија ќе е дел од Групацијата на компании Avant car со седиште во Словенија, и која е меѓу водечките даватели на мобилност како услуга во Словенија, Хрватска, Австрија и сега Македонија.
Министерствата ја изразуваат својата подготвеност за соработка со општините, јавните институции и приватниот сектор за побрзо и поефикасно спроведување на оваа иницијатива, која има потенцијал да го позиционира Скопје како лидер во одржливата урбана мобилност во регионот.”
Оваа иницијатива ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на сообраќајниот метеж и развој на модерни транспортни решенија кои се енергетски ефикасни и достапни за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

