Македонија
(Видео) Праведната транзиција треба да овозможи квалитетен живот и економски развој на регионот
Кој е патот што Македонија треба да го оди за да реализира праведна транзиција, пред сè во енергетскиот сектор? Имаме ли ние точно издефинирано што подразбира праведна транзиција и дали ги опфаќа само вработените луѓе во одреден рудник или фабрика?
Ова се дел од прашањата што беа отворени на тркалезната маса на тема „Праведна транзиција“, што се одржа на зум-платформата во рамките на Националната конференција за клима.
Патот по кој нашата земја се движи e почнат, но мора да се вклучат сите релевантни институции, граѓанскиот сектор, локалното население, се согласија учесниците. Транзицијата на рудникот „Осломеј“ од Кичево беше земен како пример на кој конкретно се работи.
„Транзицијата не ги допира само вработените во одредена фабрика, но ги засега сите граѓани на различен начин. Влијанијата се и економски, социјални и културни. Проблемот не застанува кај вработените, овие нови невработени се соочуваат со големи проблеми во нивниот живот. Им се намалува нивната економска моќ, влијае на локалните текови во местото на живеење. Намалувањето на економската моќ на новоневработените и кога се случува на индивидуално ниво, не претставува проблем за заедницата, но кога станува збор за поголема група на луѓе, влијанието е големо. Ова влијае и на нивниот културен живот“, смета Смилевска и додава дека треба навремено да се провери дали тие работници можат да се преквалификуваат или можеби предвреме да се пензионираат.
![]()
Дали за случајот со Кичево се размислува во насока на развој на нови индустриски гранки, продолжува Смилевска.
„Многу е важно во која мерка кичевчани се воопшто консултирани, а според нас, нивната вклученост во одлуките не е доволна. Граѓаните имаат свои идеи за развој на нивниот регион. Задачата на оние што ја планираат праведната транзиција е да го овозможат квалитетниот живот и регионот да напредува, дури и кога ќе се затвори индустријата. Институциите, работниците, малите бизниси мора да се вклучат во тие консултации“, вели таа.
Таа посочи дека граѓанскиот сектор мора да се потруди најдобро што може да ги информира локалните заедници за процесите кои се случуваат.
Елена Николовска од „Екосвест“ се осврна на тоа што досега е направено како чекор напред кон праведната транзиција, конкретно во Кичевскиот Регион. Таа посочи дека во македонската легислатива засега не е добро издефинирано што точно подразбира праведната транзиција, зашто, како што истакна, добрата дефиниција ќе значи и правилно планирање на сите процеси што треба да ги опфати таа.
Елена Николовска од „Еко-свест“
Николовска истакна дека е донесена енергетска стратегија 2020-2040, која предвидува напуштање на јагленот како енергенс до 2028 година. Се предвидува енергетска транзиција на Осломеј со 120МW фотоволтаични централи на местото на поранешниот рудник. Изработена е нацрт-програма за имплементација на стратегијата за енергија – програма за праведна транзиција една од мерките во документот. Македонија е земја потписничка на декларацијата на Шилезија декларацијата за праведна транзиција и солидарност и ова значи дека сме се обврзале да преземеме некакви активности во оваа насока.
Свој придонес во дискусијата даде и Александру Мустата, претставник на CEE Bankwatch, низ конкретни примери од фабрики во Европа, посочи каков е процесот на праведна транзиција.
-Индустријата со јаглен отпушта многу работници, а постојат и нови алтернативни начини за производство на енергија. Меѓународните синдикати предлагаат решенија за работниците бидејќи нивните работни места беа под закана. Ако еден регион се фокусира само на туризам, на пример, еве посебно во период на пандемија, ќе се соочи со тешка ситуација. Кога се мисли на креирање работни места, не е непходно тоа повторно да биде некој голем работодавач. Никој не вели дека треба веднаш да се префрлите на обновливи видови енергија, можеби немате потенцијал за соларна енергија…Поентата е да не се најдете во иста ситуација, за 10 години пак да треба да ја менувате индустрија што загадува. Важно е да се мисли за алтернативи со нула емисии на јаглерод – вели Мустата.
Александру Мустата, претставник на CEE Bankwatch
Тој посочи дека и Македонија треба да користи што е можно повеќе фондови кои даваат поддршка во оваа област.
Смилевска објасни дека постојат финансиски средства кои можат да се искористат за помагање на оваа транзиција.
-Очекувам дека ќе се отворат нови фондови за земјите од Западен Балкан, зашто дел од европските фондови моментално не ни се достапни. Праведната транзиција се состои и во планирањето на финансисите. Ќе беше идеално ако почневме за Кичевскиот Регион да мислиме уште во 2012 година. Планирањето создава финансии, непланирањето создава проблем! – категорична е Смилевска.
Валентина Старделова од секторот енергија при Министерството за економија посочи дека праведната транзиција бара човечки кадар силно посветен на оваа проблематика.
-Кога зборуваме за праведна транзиција треба да имаме комплексен приод. Не треба да мислиме само на Битола и Кичево, туку да ја опфатиме целата држава. Не за џабе светот зборува за циркуларна економија. Треба да бидеме посветени систематски. Мораме да тргнеме од регулатива, да имаме правна основа за акција.
Во моментов работиме на нов закон за биогорива. Енергетската ефикаснот создава неограничени можности. Тоа е добра можност за да се промовира секторот на услуги. Јавните инситуции треба да го поддржат процесот на транзиција – вели Старделова.
Лилјана Јоноски од Рурална коалиција, појасни дека иако повеќе од 10 години е дел од граѓанскиот сектор во Кичево, не добила можност јавно да изрази свој став или да биде консултирана.
– Овој објект е клучен и кон него народот пристапува и со многу емоции. Тешко е да се прифаќаат промените. Граѓаните мора да бидат повеќе вклучени во целиот процес на транзиција – смета Јоноски.
Националната конференција за клима ја организираат „Екосвест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија, со поддршка на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.

