Македонија
(Видео) Претседателските и парламентарните избори ќе бидат редовни, за датумите може да се разговара, вели Каевски

Нашиот став е принципиелен и непроменет. Изборите ќе бидат наредната година во редовниот термин, прво претседателски, а потоа и парламентарни, одговори Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ, на новинарско прашање.
„За точниот датум за одржување на овие избори прво за претседателските, а потоа и за парламентарните сме спремни да разговараме на ниво на работни групи. Очекувам за брзо тие да се формираат и да почнат со работа“, додаде Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Именувањето на Петар Богојески е скандалозно и неприфатливо, вели Костова

Скандалозно и неприфатливо е именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, тој има детално документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи, наведува потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
-Неговите коментари се деградирачки, сексистички, дискриминаторски, албанофобни, расистички изрази, што е целосно неприфатливо за носител на каква било функција.
Однесувањето на Богојески е во целосна спротивставеност со вредностите на почит, еднаквост и инклузивност, кои се основа на европските образовни програми што ги претставува Агенцијата на чие чело е поставен.
Богојески е целосно недоветен и несоодветен за да ја обавува новата функција, уште помалку за да служи како пример за студентите.
Именувањето на ваква контроверзна личност испраќа загрижувачка, но јасна порака за приоритетите на Владата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ.
Со поставување личност со богата историја на дискриминација, говор на омраза и поделби на чело на Агенција посветена на унапредување на единството и напредокот, Мицкоски и ДПМНЕ го поткопуваат значењето на оваа институција и го загрозуваат секој обид за реално подобрување на состојбите во образованието.
Ова именување во целост го отсликува целосното игнорирање на основните европски вредности од страна на Владата. Такво непочитување на основни етички стандарди е неприфатливо за лидери во образованието и јавната служба“, наведува Костова.
Како што додава, за скандалозната одлука за ова именување, СДСМ писмено ќе ги информира и претставниците на Генералниот Директорат за образование и култура при Европската Комисија, додава потпретседателката Костова.
Според неа, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност треба да биде лице кое ги отелотворува принципите на почит, инклузивност и напредок, а не партиски подобен галамџија, кој сиот свој јавен профил го градел на антиевропски и сентименти на омраза и дискриминација.
Македонија
Митева: 360 прекршочни платни налози во вредност од над 3 милиони денари за дискотеки, ноќни клубови ресторани и слично

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 17.03 до 10.04.2025 година изврши вкупно 297 надзори во однос на исполнувањето на минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност, информира Марија Митева, владината портпаролка.
Надзори се вршени, како што рече, кај угостителските објекти со пријавена дејност.
„Тука дозволете ми да ги набројам сите објекти коишто се под оваа дејност: дискоклуб, дискоклуб на отворен простор, ноќен клуб, кабаре, кафе бар, гостилница, ресторан, ресторан за свадби, бистро, хотел и останати субјекти. Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000,00 денари. Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност (кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално техничките услови) и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност“, кажа таа.
Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти биле констатирани неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови.
„Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денес веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд.
Останатите правни субјекти кои немаат активна лиценца или пак се со поднесено барање до Министерството за економија и труд и не вршат дејност во моментов се под постојан мониторинг и за истите ќе се преземат соодветни мерки согласно закон“, нагласи Митева.
Контролата како што прецизира, сè уште е во тек.
„Како Влада очекуваме целосен и детален извештај од сите 9 одделенија на Државниот пазарен инспекторат, коишто се надлежни на територија на Македонија, за овие 297 контроли на правните субјекти да биде доставен во текот на следната недела.
Со ова сакаме да ги увериме нашите граѓани дека ова не е еднократен одговор ниту краткорочен ангажман. Зајакнувањето на институционалната одговорност и враќањето на довербата на јавноста остануваат наши долгорочни приоритети и ќе продолжиме да им пристапуваме на таквите прашања со зголемен фокус“, додаде Митева
Македонија
Седум пациенти денес се враќаат од Виена, Анкара, Мадрид, Варшава, Марибор, Атина и Солун

Министерството за здравство информира дека денес се планира враќање на седум пациенти од Виена, Анкара, Мадрид, Варшава, Марибор, Атина и Солун, со што во странски медински центри ќе останат на лекување 48 пациенти.
Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти, велат од ресорното министерство.
„Во болниците во земјава во моментот се лекуваат 7 пациенти, од кои четворица во Хируршка клиника ,,Св. Наум Охридски” еден на Клиника за пластична хирургија, како и двајца пациенти во приватната болница ,,Систина”.
Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација“, се нагласува во информацијата.