Македонија
(Видео) Промовиран новиот објект на полициското одделение Камењане
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска во Тетово ги посети новиот објект на Полициското одделение Камењане и реновираниот објект на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај – Тетово.
„Многу сум горд што првиот ден од оваа 2020 година го поминав со колегите од СВР Тетово, посебно затоа што промовравме два нови објекта, едниот во Полициското одделение Камењане, кој е целосно изграден, реконструиран, со целосна инфраструктура, за навистина добри услови за работа за полицајците од Полициското одделение Камењане и, исто така, за поголема безбедност на општината Боговиње, и вториот е овој објект, а тоа е Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Тетово, од кој што еден дел е завршен, и веднаш после празниците продолжуваме со другите проекти, односно целосно воведување на парно греење во објектот и промена на сите внатрешни врати во него“, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Тетово не беше реконструирана повеќе од 40 години.
„Затоа, посебна благодарност ќе упатам до началникот на Секторот за внатрешни работи, до командирот на Полициската станица коишто вложија максимални напори за да може да биде реконструиран овој објект. Сакам, исто така да истакнам еден податок, којшто е и една силна порака до сите граѓани – двата објекта, и Полициското одделение Камењане и оваа Полициска станица се реконструирани заедно со средства од МВР и со граѓаните на Тетово и на општина Боговиње. Значи од општествено-одговорни компании, коишто сакаа да помогнат, да вложат, а кога се вложува во македонската полиција, се вложува во безбедноста и во иднината на државата“, рече Спасовски, честитајќи ја Новата година на сите полициски службеници, со желби за добро здравје, среќа и со порака да бидат професионални како и досега.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите наши полицајци кои беа на работните места и се грижеа за нашата безбедност додека ние прославувавме чекајќи ја Новата година. Задоволство ми е да кажам дека оваа година практично и да немавме никакви безбедносни ризици во новогодишната ноќ, па им честитам и на граѓаните за тоа, бидејќи тоа беше мојот апел и пред празниците“, подвлече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

