Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

