Македонија
(Видео) Само една од 800 згради во Карпош ги исполнува прописите, тврди Јакимовски
Од досегашната контрола на станбените објекти во општина Карпош утврдено е дека само една од 800 згради во општината ги исполнува сите законски прописи за безбедност, соопшти денеска градоначалникот на општина Карпош.
„По проверките на станбените објекти, рестораните, кафулиња, диско клубовите, ноќните клубови, одѕивот беше многу голем. До сега се отповикале 330 влезови од згради. Инаку општина Карпош има 820 згради и 1.500 влезови. Значи, до сега одговориле 330 и уште 250 се јавиле на нашите телефони за дополнителни инструкции. Од онаа контрола што е направена од нашите инспекциски служби, само една зграда е исправна, како што викаат по ПС (правила на службата). Тоа е зградата на Адора. Значи има 41 противпожарен апарат. Во 18 станови исто така има ПП апарати. Има повеќе апарати со ЦО2 за гасење на пожар од електрична инсталација. Има уште еден специјален систем за гасење на пожар, панични светла и се што треба по ПС. Значи само една зграда во Карпош е таква каква што треба, како што бара законот. За жал не можеме истото да го кажеме за другите згради“, рече Јакимовски.
Градоначалникот соопшти дека информациите што ги добиваат службите во општината ги праќаат до Дирекцијата за заштита и спасување, но оттаму нема никаков повратен одговор.
„Сите овие добиваат инструкции што треба да направат од страна на нашите служби. Нашите служби се јавуваат директно во Дирекцијата за заштита и спасување, праќаат меилови… но ги нема нигде. Дали се отселени на друга планета, или што се случува со нив, за да ние тоа го работиме во координација, за евентуално инструкции да добиеме во оваа работа, но за жал тоа го работиме сами, иако најодговорен за оваа работа е ДЗС“, вели Јакимовски.
Првиот човек на општината информира и дека се пишани 21 казна на локали кои воопшто не отпочнале постапка за обновување на дозвола, една казна е напишана за неисполнување на еколошките стандарди, а два ноќни клубови одбиваат соработка со инспекторите, при што едниот се заканувал дека тој бил закон.
Што се однесува до почитување на еколошките стандарди, проверени се 110 објекти, од тие 90 се е во ред, на 18 соодветните елаборати им се во постапка на изработка, еден е во тек на реновирање, и на еден му е пишана казна затоа што и претходно бил опоменуван и не постапил согласно напатствијата на инспекторот за екологија, додаде.
„Правните лица секаде имаат ПП апарати, хидранти итн… значи со правните лица имаме најмалку проблем. Што се однесува до кафеаните, кафулињата, ноќните клубови, дискотеките, состојбата е следна: од 115 проверени сите имаат ПП апарати, во 60 летните тераси се во ред, пишана е 21 казна бидејќи воопшто не ја отпочнале постапката за обновување на дозволата и остатокот се во постапка за добивање на согласност во Град Скопје. Овде морам да кажам дека со новиот Закон за локална самоуправа треба да се прекине со тоа двојство. Значи на територија на општина Карпош ако издаваме одобренија за градби, треба да издаваме и одобренија за овие тераси. Зашто ни се летни тераси? Ни се случува двојство. Често пати граѓаните не се согласуваат со дадената дозвола за тоа место, а тоа често пати се прави и без консултација со локалната самоуправа. Морам да кажам дека два ноќни клубови не соработуваат со инспекторите. Тоа се клубовите Пјур и Мош. Не соработуваат. Дури за едниот клуб, колегата има поведено постапка како дивоградба пред неколку месеци и кога го посетил сопственикот го прашал зошто доаѓа? Вика, затоа што законот така бара… Тој му одговорил дека и тој бил закон! Јас одговорно тврдам дека овие сопственици на ноќни клубови се сива еминенција во средините каде што живеат и си дозволуваат малку повеќе од тоа што треба. Значи и покрај тоа што одбиваат соработка, ние ќе ја тераме постапката до крај и како што бара законот односно отстранување на нивните објекти“, нагласи градоначалникот Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

